Србија не ја исклучува можноста за враќање на рестрикциите ако расте бројот на заразени

Вчера во Србија беа регистрирани 69 нови случаи на заразени и моментов има активни 447 случаи

Во Србија не се исклучува можноста за враќање на некои од рестриктивните мерки против ковид-19 доколку бројот на заразени нагло порасне.

Епидемиологот Срѓа Јанковиќ за РТС изјави дека факт е дека во последните денови има пораст на заразените, но дека поголем дел од нив се со полесна клиничка слика. Сепак, според него, иако епидемијата слабее, сѐ уште има потенцијал за распламтување, особено кај ранливата популација.

„Епидемијата слабее, но мора да бидеме внимателни бидејќи вирусот и натаму има потенцијал да биде опасен за ранливите категории“, рече Јанковиќ и потсети дека клучно за заштитата е да остане во сила носењето маски и физичкото растојание.

Не ја исклучи можноста за враќање на одредени рестриктивни мерки во зависност од ситуацијата.

На новинарско прашање да каже дали епидемијата е на почеток или на крајот, тој кусо одговори: „Нешто помеѓу“.

„Ова е крај на првата фаза од пандемијата на нашите простори. Потенцијалот за втор бран и натаму постои ако не ги спроведуваме мерките.Во случај на втор бран, се надеваме дека ќе успееме да го разбиеме на помали бранови со кои потоа ќе се справуваме поединечно“, истакна Јанковиќ.

Србија речиси целосно ги укина рестрикциите и ги отвори границите. Изминатата недела се одржаа и првите спортски натпревари, на кои имаше публика, која според фотографиите, не ги применуваше основните мерки за заштита како маски и растојание. Исто така, и повеќе институции организираа јавни настани со поголем број присутни на кои не се почитуваа овие мерки.

Денеска ќе се одржи фудбалски натпревар меѓу двата најголеми клуба Партизан и Црвена звезда и тоа со публика на стадион кој собира 30 000 гледачи.

Вчера во Србија беа регистрирани 69 нови случаи на заразени од тестирани 5 239 лица. Од почетокот на епидемијата земјата регистрира 11 965 случаи на заразени и 250 починати. Во моментов има активни 447 случаи.

За 21 јуни се закажани парламентарни избори.