Србија пред нова вонредна состојба

Вонредна состојба со затворање на сите установи освен на аптеките, продавниците за храна и бензинските станици, предлага српскиот Кризен штаб откако во земјата се зголеми драстично бројот на новозаболени од коронавирусот. Епидемиологот Предраг Кон изјави денеска дека тоа е предлог на медицинскиот дел од Кризниот штаб и за РТС беше категоричен дека за ова решение нема алтернатива – инаку здравствениот систем ќе се распадне.

Тој оцени дека очекуван резултат од затворањето е целосно спречување на контактите.

„Мерките со ограничување на работното време на угостителските објекти какви што имавме за време на викендот не даваат резултат. Ние баравме многу поостро, сè да се затвори освен продавници за храна, аптеки и бензински пумпи, за да се разбере ситуацијата, не само да се разбере, туку и да се скрши синџирот на пренос, рече Кон.

Како што изјави, вонредната состојба нема алтернатива.

„Медицинскиот дел од Кризниот штаб не може да предложи на кој било друг начин, целата тежина на одговорноста мора да ја преземе целото општество, медицинскиот дел јасно знае дека оваа мерка е економски удар, но без оглед на тоа, станува збор за мерка што штити животи, и тоа мора да го кажеме отворено и јавно. Предлогот е незаштитените контакти да бидат забранети, во спротивно ќе се пукнеме и само тогаш ќе биде јасно што значи тоа кога ќе се расипе здравствениот систем, предупреди Кон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.