Србија воведе нови мерки: Забрана за собирање на повеќе од 10 лица, задолжително носење маски и на отворено

Кризниот штаб за борба против короната во Србија на седница донесе одлука за обврска да се носат маски во цела Србија и на отворено, во случај кога не е можно да се одржи растојание од метар и пол меѓу луѓето.

Покрај тоа, се предлага да се воведе забрана за собирање на повеќе од 10 лица на отворено низ целата земја.

Маските треба да ги носат и децата, препорачуваат од Кризниот штаб.

Членовите на Кризниот штаб сметаат воведување задолжително носење маски за деца, бидејќи се покажа дека дури и најмладите во овој напад на ковид-19 имаат посериозна клиничка слика отколку што беше случај минатата пролет, тврди Блиц.

Новите мерки ќе стапат на сила во петок наутро, бидејќи министрите ги усвојуваат утре на седницата на Владата на Србија.

– За време на престојот на јавни места, мора да има растојание од еден и пол метри меѓу собраните, односно секое лице мора да зафати најмалку четири квадратни метри – се наведува во соопштението на Владата по седницата на Кризниот штаб.

Во него се прецизира дека мерката за заштитни маски, која важи во Белград, денес е проширена на целата територија на Србија, без исклучок:

– Заштитни маски се задолжителни и на отворено, на места каде што не е можно да се обезбеди растојание од еден и пол метар, како што се редици пред продавниците, аптеките, автобуските и железничките постојки и слично. На сите други јавни места на отворено, се препорачува да носите заштитни маски.

Владата на Србија уште еднаш апелира до сите граѓани да ги почитуваат сите донесени мерки заради сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.

– Доколку сите граѓани носеа заштитна маска секој пат кога ќе ја напуштат куќата, таквата мерка би била еквивалентна на забрана за движење, затоа што на тој начин спречуваме епидемиолошки ризични контакти и спречуваме ширење на коронавирус. Убедени сме дека заедно со сите наши граѓани, со најголема можна дисциплина и одговорност, ќе излеземе победнички од битката против вирусот корона – се додава во соопштението на Владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.