Србија: Забранет влез во државата за жители на Франција, Германија, Словенија, Австрија, Шпанија, Грција и Швајцарија

Српската Влада денеска донесе одлука привремено да им забрани влез на странски државјани кои доаѓаат од Франција, Германија, Словенија, Австрија, Шпанија, Грција и Швајцарија, односно да го ограничат влезот и движењето за да се заштитат од коронавирусот.

Со оглед на тоа што има зголемување на набавките на есенцијални производи за храна и хигиена, што доведе до недостиг на одредени производи во продавниците, членовите на Владата донесоа одлука за привремена забрана на извозот на основни производи за храна и хигиена.

Привремената забрана за влез во Србија останува за странските државјани кои престојувале во Кина и Кореја.

Забраната за привремен влез во Република Србија за странски државјани кои престојувале во Италија, Исламска Република Иран и Романија, исто така, останува во сила.