Србија е сѐ постара, за четири децении без третина од населението

Доколку потраат сегашните демографски трендови во Србија и Војводина до 2061 година бројот на населението би можел да се намали за 20 до 30 отсто, предупреди во средата демографот на белградскиот Институт за социјални науки, Горан Пенев, укажувајќи дека старосната структура е веќе потполно нарушена.

„Имајќи ја предвид старосната возраст на населението, просечната старост изнесува 43 години, меѓутоа поважно е дека дури 33 отсто повеќе се повозрасни од 65 години, отколку што има помлади до 15 години. Целосно е нарушена старосната структура“, рече Пенев за Радио-телевизија на Србија (РТС).

Демографските графикони, како што наведува РТС, веќе со години ја предупредуваат Србија, којашто не само што го има најнискиот природен прираст во однос на сите поранешни југословенски републики, туко е една од само 32 држави на светот кој бележат пад на бројот на населението.

Негативниот природен прираст го имаат само 18 земји во светот, од кои 17 се во Европа, што Србија, со сѐ помасовното заминување на младите во странство, ја прави држава со неповолна старосна структура, со просечна возраст од околу 43 години.

Доколку продолжат сегашните демографски трендови, прогнозите на Обединетите нации се дека на територијата на Србија во 2061 година ќе живеат три милиона луѓе помалку отколку денес, а демографот Пенев предупредува дека со тие прогнози е опфатена и територијата на Косово, каде што и наталитетот е повисок.

„Доколку се остварат некои од нашите проекции за централна Србија и Војводина, бројот на населението би можело да биде помал за 20 до 30 отсто, што е повеќе од проекциите на ОН“, рече Пенев за РТС додавајќи дека на ваквиот тренд влијаат многу фактори: ниската стапка на раѓања, иселувањето на населението од земјата и умереното продолжување на очекуваниот животен век на населението.

Пенев наведува дека тоа што Србија старее не е невообичаено, бидејќи и целиот свет во просек е постар, но предупредува дека Србија спаѓа во групата земји со демографско најстаро население на светот.

„Проблем претставува што сѐ поголем процент жени од фертилниот период изегуваат без деца. Тоа е она што е ниво во последните десет до петнаесет години за Србија“, рече Пенев оценувајќи дека овој податок е „алармантен“.

Предупредува и дека неповолните демографски трендови продолжуваат, како и дека минатата 2018 година првпат во изминатите 120 години во Србија имало помал број живородени отколку во годините по Првата и Втората балканска војна, кога настрадал голем дел од населението.

На почетокот од 1950-те години во Србија се раѓале околу 160.000 бебиња, а сега има речиси трипати помалку новороденчиња, околу 65.000, но и оваа бројка од година в година опаѓа, а како што тврди Пенев, првпат се регистрирани помалку од 65.000 живородени бебиња.

Според податоците од 2016 година, Србија, без попис на населението на Косово, што последен пат е изведен во 2011 година, имала околу 7,2 милиони жители. Во Србија во тек е пробниот попис на населението, во текот на кој ќе биде обработен примерок од 20.000 жители во 50 градови и населени места, а редовниот попис е предвиден за 2021 година.