Србија побара објаснување за изјавата на Коѕијас

Србија бара објаснување за изјавите на Коѕијас

Србија побара објаснување за изјавата на Коѕијас при посетата на Приштина. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас изјави дека Атина ќе го поддржува зачленувањето на Косово во меѓународните организации, јави Танјуг.

– Упативме барање до грчкото Министерство за надворешни работи за разјанување на ставовите на нивниот министер Никос Коѕијас. Очекувам дека и покрај големите притисоци што ги трпи, Грција нема да го промени ставот за непризнавање на еднострано прогласената независност (на Косово), изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Тој нагласи дека промената на ставот на Атина во однос на Косово „не би била во согласност ниту со меѓународното право, ниту со пријателските односи“ меѓу Србија и Грција.

Коѕијас при вчерашната посета на Приштина изјави дека Атина ќе го поддржи зачленувањето на Косово во меѓународните организации, вклучително „и оние од сферата на безбедноста“, додавајќи дека тоа би придонело за поголема стабилност на регионот.

Според приштинските медиуми, како што јави Фена, Коѕијас сепак дал „неодреден одговор“ на новинарско прашање дали Грција ќе ја признае независноста на Косово, најавувајќи само дека Атина ќе отвори „канцеларија за соработка во Приштина“.

Во врска со барањето на Србија за објаснување на изјавите на Коѕијас, грчката амбасада во Белград соопшти дека неговите изјави дадени во Приштина биле „јасни“.

– Грција не ја признава еднострано прогласената независност на Косово и грчкиот став по тоа прашање останува непроменет, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.