Србија смета дека ѝ е потребен систем на ПВО со дострел над 400 километри

Началникот на Генералштабот на Војската на Србија, генералот Љубиша Диковиќ, изјави во саботата дека на противвоздушната одбрана на Србија ѝ е потребен одбранбен систем со дострел поголем од 400 километри, како и дека за тоа се разгледуваат неколку опции, а не само набавката на рускиот ракетен систем С-300, пренесува Радио-телевизија Србија (РТС), а притоа не сакаше да го коментира неодамнешниот скандал кога американските власти не му издадоа виза за посета на САД.

Генералот Љубиша Диковиќ, во специјализираната емисија за вооружените сили „Дозволите…“ на РТС рече дека „актуелната ситуација во меѓународните односи влијаат на плановите за развој на способноста на Војската на Србија“, најавувајќи дека српската армија, покрај редовните задачи, оваа година ќе работи на модернизација на вооружувањето.

Коментирајќи ги медиумските написи за набавката на руските ракетни системи С-300 и БУК, Диковиќ рече дека се планира набавка на систем со долг и среден дострел, а се разгледува кои системи се најдобри и најефикасни за конфигурацијата на територијата на Србија.

„Јасно кажавме дека ни е потребна противвоздушна одбрана којашто може да води борба на оддалеченост поголема од 400 километри. Кој систем ќе биде тоа., ќе видиме… Секако дека се разгледуваат и системите С-400 и БУК, но разгледуваме и други системи“, појасни генералот Диковиќ за РТС, истакнувајќи дека „сѐ уште не е време да се зборува за конкретно решение“.

Белградските медиуми во текот на ноември минатата 2017 година објавија дека претседателите на Србија и на Белорусија, Александар Вучиќ и Алаксандер Лукашенко, во март годинава ќе потпишат договор за купување четири батерии од системот С-300 и шест авиони „МиГ 29“.

Србија во 2016 и 2017 година доби пакет донација со вооружување и воена опрема од Русија, меѓи кои и шест користени авиони „МиГ 29“ чијашто модернизација ќе чини меѓу 180 и 230 милиони евра, а владата појаснува дека набавката на нови воздухоплови би чинела неколкукратно поскапо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.