Србија воведува доживотна казна затвор

Србија ќе воведе доживотен затвор со можност за условно пуштање после 25 години, изјави за „Политика“ професорот Станко Бејатовиќ.

Условното пуштање ќе биде можност, а не обврска. Тоа е меѓународен стандард, додаде професорот Бејатовиќ, кој е и претседател на Српското здружение за кривичнопоправна теорија и пракса и член на работната група за измени на Кривичниот закон.

Секој осуденик на доживотен затвор ќе може после 25 години поминати зад решетки да напише молба, а судот ќе одлучи дали ќе биде и пуштен на слобода под услов да не го повтори кривичното дело.

Воведувањето доживотен затвор е резултат на потребата од построга казна кога станува збор за извршители на најтешки кривични дела, меѓу кои и убиства на деца.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.