Србин вакциниран со американската, довакциниран со кинеската вакцина

Жител на јужниот српски град Врање стана досега првиот познат исклучок, бидејќи во националната кампања за имунизација од коронавирусот примил две дози од вакцината од различни производители, пренесуваат во понеделникот локалните медиуми.

Врањанецот Слаѓан Антиќ бил вакциниран со препаратот на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“, а кога преку електронскиот систем добил СМС порака за примање на втората доза во локалната спортска сала, ја примил кинеската вакцината „Sinopharm“, објави порталот InfoVranjske.

Антиќ за порталот рекол дека на 28-ми јануари ја примил првата доза од вакцината на „Pfizer“, а дека по грешка е довакциниран со втората доза од кинескиот производител.

Вели дека на лекарите им го покажал својот картон за вакцинирање, разговарал со лекарите, а потоа медицинската сестра му ја дала вакцината. Во еден моментот лекарот му рекол дека „кинеската вакцина добро штити“, поради што се побунил дека бил вакциниран со вакцината на „Pfizer“, но му било објаснето дека на тој пункт ја немаат американско-германската вакцина.

Следеле низа консултации на локално ниво, како и со националниот Институт за јавно здравје „Др Милан Јовановиќ Батут“ во Белград и Антиќ ја добил терапијата, но тврди дека „не се чувствува добро“.

Србија е меѓу водечките земји во светот според бројот на вакцинираните свои граѓани на милион жители и кампањата за имунизација ја води преку електронскиот систем на државно ниво, а досега се искористени повеќе од 1,4 милиони дози, од кои втората доза ја примиле 512.000 лица.

Во Белград во неделата вечерта од Русија пристигна контингентот со уште 100.000 дози од вакцината „Спутник V“, а во понеделникот се очекуваат уште 58.500 дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“.

Со испораката на 100.000 дози од „Спутник V“, Србија надминала два милиона набавени дози, потврди премиерката Ана Брнабиќ и најави дека на 5-ти март од Кина ќе пристигнат уште 500.000 дози од „Sinopharm“. Со вакцините земјата нема проблеми, додаде претседателката на српската влада.

Во Србија до неделата попладнето се регистрирани севкупно 459.259 случаи на заразата со коронаивурост, а потврдени се 4.443 смртни исходи, додеак последните денови се бележат и по над 3.000 новозаразени на дневно ниво.