Среќен празник Македонијо: 29 години од референдумот за независност

Македонија денеска одбележува 29 години од својата самостојност и независност. Имено, на денешен ден 1991 година граѓаните на земјава гласаа на историскиот референдум на кој се изјаснија за самостојна и суверена држава, па Осми септември е празник кој ја означува токму нејзината независност.

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“ – гласеше референдумското прашање на кое 95 проценти од граѓаните што гласаа одговорија позитивно.

На гласањето според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓаниодносно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот.

Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот стои дека за начинот на кој бил спроведен немало поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле „за” самостојна и суверена Македонија.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.