Среќна Нова 2020: Нов почеток за нова можност

Изминува уште една година од нашите животи. Уште една долга година на разочарувања и неостварени очекувања. Една од многуте изгубени години во низа. Годините можат да бидат сушни, дождливи и историски. Кај нас никако плодни. Зашто нашите се премногу историски. Барем така не  убедуваше власта. Од толку многу „историја“ за Нобел што требаше да ја диџестирам во последниве години, полека почнувам да ја губам врската со реалноста. А, реалноста е онаа грдата и загадена која ја гледам секојдневно на улиците на мојот град и мојата држава. Која ни од далеку не е историска. Можеби ќе биде новата, или некоја наредна.

Се прашувам дали годинава да бидам оптимист и да останам до полноќ за да го видам доаѓањето на уште една нова „историска“ година, или пак да бидам песимист и да останам за да бидам сигурен дека старата заминала. Што и да изберам мислам нема да погрешам.

Како изминуваат годините станувате резистентен на се’ што се случува и она што требало да се случи, а не се случило. Станувате резистентен на фактот дека оваа држава може да продуцира премногу глупости по глава на жител. Премногу промашувања, премногу лицемерие, премногу лаги. И сето тоа како лавина да ја поклопи демократската есенција на ова општество, а тоа се уште да верува дека доволно е уште едно ветување, уште една лага животот во Новата година да биде подобар и посреќен. А, не е. Не беше во минатата, а не гледам дека ќе биде и во Новата. Бар не со оние што ветуваа живот во Македонија.

И во годината што изминува зборувавме пригушено за историските неправди, за изневерените очекувања, за неисполнетите ветувања, за предавствата на големите, за нашите лични предавства, за нашите несреќи. Барем сега предавството конечно има име и презиме. Нормално, кој како го доживува и перцепира предавството на сонот за Македонија. Година во која исчезна насмевката од лицето на нашиот фејсбук Министер за надворешни работи и Премиерот, кои слепо веруваа на ветувањата дека конечно ќе ни се оствари сонот за Европската Унија. При таков залог како што беше променетото име на државата, продадениот бренд Македонија и нејзината историја, барем ја видовме солзата на „надеж“. На нашиот Министер за одбрана во Лондон.

Македонија во Новата година веќе нема да биде иста. Од онаа Македонија во која израснавме и ги сонувавме соновите за иднината. Иднината која ни ја киднапира оваа власт. Која ме претвори во мултиетнички народ во мултиетничка држава. Кога подобро ќе размислам, се што се случуваше во годината што изминува ја продлабочи политичката дезориентираност на граѓаните. Власта не истренира да живееме со глупоста, безидејноста и безалтернативноста на лажните авторитети промовирани низ политиката. Медиумските (хаус)мајстори за демократски илузии не успеаја да не (до)убедат дека Македонија е на правиот пат. Затоа, нема да биде тешко да се направи рационален политички избор во ирационален политички амбиент кој го креира власта.

Посакувам во Новата година словото на новиот месија и неговата мисија за идеалот на живот за сите и едно општество за сите да ја добие својата вистинска верификација од народот. Од оној чија волја ја погази на референдумот. Предолго Премиерот во заминување, од говорницата на една стара уморна црква проповедаше старо ветување за спасение, со обновена искра на ентузијазам, преку ново име за прием во ЕУ и променета историја за добрососедство. Конечно во Новата година ќе има блиска средба со вистината и правдата. Не онаа која ни ја проповедаше со благослов од надвор.

А, болката ќе остане и во Новата година. Болката за понижувањето, одземената национална гордост, за корумпирниот сон за иднината и надежта за подобар живот. Болката за продадена држава и обезличен народ. Затоа не чувствувам жал за оние што се уште не можат да го видат моралното и духовното пропаѓање на македонското општество. Деструкцијата во која сме втурнати со „историските“ одлуки на оваа власт.

Велат дека звучам премногу „мрачно“. А, како да звучите поинаку кога ќе ја изгубите довербата во политиката и луѓето што ве водат. Во животот што беше ветен за сите. А Новата година не е тоа. Тоа е време на надеж, нови очекувања и посакувања. Тоа е време на предизвици. Време на посакувани промени.

Затоа да им посакам на граѓаните на Македонија здравје и трпение. Само тоа остана. И среќа која ќе ни треба на сите во годината што доаѓа. Да посакам нулта толеранција на глупоста, лицемерието и лагата, со повеќе чувство за лична релаксација. Обрнете внимание, внимателно слушајте, покажете разбирање за другите. Само така ќе ја вратиме довербата и заедно ќе градиме иднина за себе и за нашите деца. Направете крајот на старата година да биде ваш и наш заеднички нов почеток за нови можности.

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес