Среќна нова ’49-та… Пардон 2022!

Среќна, бериќетна и полна здравје и мудрост оваа Нова 2022 година, ви посакувам мои пријатели и читатели пред се’, а богами и ќе ни треба како тргнавме уште на самиот старт од оваа година.

Измина уште една календарска година, ние сме постари за уште една година, нормално позрели и побогати со нови искуства и знаења (кој како додуша ова), а сега ќе ја газиме и оваа 2022 година, сатирично и мудро, па затоа и со таков наслов.

Постарата генерација сигурно се сеќава на овој култен македонски филм од 1986 година, од нашиот голем режисер Столе Попов, напишан од врвниот сценарист Гордан Михиќ и плеада на наши и српски глумци, предводени од најголемиот Македонец, одамна покојниот Ацо Ѓорчев (истиот оној од култната сцена на драмата на исто така големиот покоен Горан Стефановски во Диво месо, „Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас!“) е тој филм ме потсеќа на денешнава наша ситуација во два случаи како да сме застанати уште во таа далечна ’49-та година (некои велат и бетер сме подалеку), како и во начинот на вербата на големиот патриот (постариот брат во филмот легендата Мето Јовановски) и вербата во држвата па затоа завршува во затвор и другиот неморалниот (помалиот брат, шверцерот на пеницил, српскиот глумец Светозар Цветковиќ) кој сака да живее свој живот, неазависен од сите други околу него.

*Секоја сличност во односот со нашите соседи е измислен во текстот, цитат на авторот.

Буквално и во туризмот (кој патем како да е мртов) е делбата на локал патриоти кој веруваат во самиот негов развој и успех и оние немирни бунтовници, по примерот на мене, кој се уште веруваат дека треба да се засукаат ракавите и со разни начини и алатки да се постигне повторно успехот од минатите години. Важно е да сме сонувачи или борци.

А, пошто сме на почетокот на годината сеуште е рано да се направи збирен успех на туризмот во нашата држава (и онака секогаш доцниме со статистиката), така да за тоа ќе збориме некаде во текот на наредните месеци, поточно во март кога ќе почекаме можда да биде готов и пописот кој беше направен минатата година (каква коинциденција нели, март месец на подвизи).

Она што е најважно е дека конечноооооо, по долги три месеци ќе имаме нова влада, па затоа со „нови сили во нови победи“ ќе гледаме, ќе чекаме, а богами и ќе ги фалиме или ќе ги критикуваме нивните успеси и предизвици (овој збор баш го милувам како се користи во последно време). Инаку патем ама ни „Т“ од туризам од новите владини кандидати нема во нивната програма (зарем имаат Програма!!!), а ги очекуваме и нивните нови најавени кадровски решенија. И за тоа, отом-потом во наредниот период.

Веќе две години туризмот на светско ниво со појавата на пандемијата е полумртов, јас би кажал во кома, каде владите следејќи ги прокламациите на СЗО, го одржуваат во коматична ситуација, повремено ампутирајќи по некоја инекција за спас на пациентот и велат има надеж ќе биде се во ред, за да по некое време го прогласуваат за мртов, воведувајќи нова забрана за движења на работна сила и слободните патници. И така во недоглед веќе две години и ние овде дома, очекуваме спас за туризмот од страна од светот да дојде и да ни го спаси некој со повремен чартер лет или да ни укаже на некоја нова мерка.

Важно се израдувавме дека повторно се отворија некои саемски настани и берзи (јас велам нема шанси и потврда за тоа е веќе откажувањата на повеќе вакви светски настани), па ќе можеме конечно да прошетама некаде и да дадеме некоја понуда на нашите странски партнери. За нас фактор на успех во текот на овие 20 и повеќе години од секогаш беа само саемските настапи и по некоја фам тура. Чудно, но вистинито.

Насекаде во светот народите се дигнаа во борба против затварањата на државите и слободата на движењето, најголемото загарантирано право според Обединетите нации. Примери се Холандија, Франција, борбата на Новак Ѓоковиќ со австралиските влади (колку ли ги има само во оваа држава нив), соседна Бугарија, додека го пишувам текстов не знам дали народот влезе во седиштета на и таму новата за нас „надежна влада“. Само кај нас и во услови на економска, енергетска, здравствена криза супер ни е, ние и така немама ни влада ниту здравствена комисија (патем живи ли се господава). Затоа туризмот и ќе трпи уште многу време затворен и заќмаен како колатерална штета наспроти успехот на здравствените и фармацевтските компании, (примерот и кај нас во моментов најбогати компании се они кои работат во овие два сектори и нормално маркетите со зголемени цени на храната и  државата со огромните акцизи на горивата, па сега она ќе се спасува од студот со дополнителен финансиски импулс во  енергетиката и топлификацијата, а до вчера не убедуваа дека нема да има енергетски криза!!!).

И на крај неизбежната вакцијанција, ах таа пуста вакцинација што ли ни направи само, не’ подели на ваксери и антиваксери, на оние кои веруваат во две дози и на оние кои верувата во три дози (во најава е веќе и четвртата доза, аман), ги подели докторите (а, мислам дека и ги збуни барем овие нашиве) на оние кои заговараат укинување на сертификати и носења на маски и на оние кои велат ставете и втора маска зашто едната не држи воопшто заштита и затварање на границите за посетителите. За успех во туризмот кај нас, јас би ги затворил нашиве граници да не мрднат нашиве туристи никаде одовдека, тука да останат, тука да ги трошат парите на онака „ефтините“ цени на облека, храна, горива итн како што беше во поранешните социјалистички партнери бре, се шалам аман не ме земајте за сериозно.

Затоа почитивани мои Среќна нова ’49-та, пардон 2022 година, мир, љубов, рокенрол, пардон туризам, во новава година и смејте се ќе бидете повеќе здрави и живи.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес