Средба Анѓушев-Жбогар: Реформите во фокусот на Владата на патот кон Евро-атлантска интеграција

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев оствари средба со шефот на делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар и притоа упати благодарност до Европската унија за поддршката на процесот во спроведување на реформите на патот на Република Македонија кон евро-атлантска интеграција.

Тој на амбасадорот Жбогар му ја презентираше економската програма на Владата, при што нагласи дека ќе се работи на создавање на добра бизнис клима и овозможување на исти услови за инвеститорите.

„Владата ќе работи на реализација на капитални проекти, важни за подигнување на конкурентноста на компаниите во земјата. Ќе ја стимулираме соработката помеѓу домашните и странските компании и ќе воведеме нов концепт за привлекување на инвестиции, што ќе биде транспарентен и со исти услови и за странските и домашните инвеститори“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Анѓушев дополни дека реформите во енергетскиот сектор ќе бидат во фокусот на Владата. Во согласност со договорот за Енергетска заедница и препораките на Европската комисија, до крајот на 2017 година ќе биде донесен новиот Закон за енергетика.

„Во новиот Закон за енергетика ќе ги имплементираме Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Ќе работиме на искористување на сите постојни капацитети за производство на енергија во земјата, но ќе поддржуваме и изградба на нови капацитети, особено од обновливи извори на енергија“, дополни вицепремиерот.

Амбасадорот Жбогар посака успех во реализација на економските политики и порача дека ако се исполнат поставените цели, економијата на Република Македонија ќе расте со посилно темпо, што е во интерес и на земјата, но и на регионот и на Европската унија.