Средба Груевски-Хан: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи сите реформи од интерес за граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со членовите на Извршниот комитет на партијата Никола Тодоров и Антонијо Милошоски се сретнаа во понеделникот попладнето со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика на Европската унија, Јоханес Хан, со кого било разговарано за интеграциските процеси и за актуелните политички случувања.

Како што соопшти Центарот за комуникации на партијата, на средбата Груевски истакнал дека активностите кои се однесуваат на интеграциските процеси треба да се исполнат и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи сите реформи за кои ќе цени дека се од интерес за граѓаните.

„Груевски посочи дека главна цел на Владата на СДС не треба да биде само добивање позитивен извештај, какви Македонија имаше пред политичката криза, туку позитивна препорака за почеток на преговори за членство во Европската унија“, стои во соопштението.

Груевски, се додава, истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја види државата што поскоро како членка на ЕУ и НАТО, што и впрочем и го заслужи, нешто што беше констатирано на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, како и во 2009 година од страна на ЕУ.

„Доколку тогаш државата станеше членка на НАТО и отпочнеше разговори со Европската унија, многу од предизвиците со кои се соочи подоцна немаше да се случат, додаде Груевски“, се посочува во соопштението.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле истакнати и неколку загрижувачки тенденции коишто, како што се наведува, негативно се одразуваат на актуелните состојби градејќи негативна клима во државата и лошо одразувајќи се на демократскиот капацитет.

„СДС има иницијатива за генерален реизбор на судии и промена на персоналниот состав на членови во Републичкиот судски совет, зад кој се крие желбата за влијание и партизација на судството, нешто со што директно се загрозува демократскиот амбиент. Во таа насока е и атмосферата во медиумите, која е значително влошена откако постојат информации за медиуми кои се уценувани и врз кои е влевано страв преку СЈО и одделни членови на владата на СДС, беше посочено од страна на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со комесарот Хан“, се наведува во соопштението од партијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.