Средба Кирацовски-Тимоние: Преку имплементација на реформските приоритети до позитивна препорака за членство

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Александар Кирацовски, денеска во Собранието се сретна со амбасадорот нажФранција во земјава, Кристијан Тимоние, а на средбата беше потврдена определбата за меѓусебна соработка и поддршка на реформските процеси во Македонија, во интерес на граѓаните.

Се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9, и можноста, преку имплементација на реформските приоритети да се обезбеди позитивна препорака за почеток на преговори за членство во Европската Унија.

Двајцата соговорници разговараа и за подобрување на функционалноста на Собранието на Република Македонија, како и за унапредување на политичкиот дијалог, кој е неопходен за демократските процеси во земјата.

Во однос на унапредувањето на односите меѓу Република Македонија и Република Франција, амбасадорот Тимоние најави дека во следниот период Франција ќе се посвети на поттикнување на иновациите и науката во Република Македонија, преку создавање Научна – програма за иновации.