Средба Мицкоски – Ди Мајо: Потребен е Закон за ЈО напишан од експерти

„Заедно со делегација од високи партиски функционери, денеска остварив средба со министерот за надворешни работи на Република Италија, Луиџи Ди Мајо.

На средбата разговаравме за актуелната политичка ситуација во државата, претстојните парламентарни избори и европската перспектива на Македонија.
Истакнав дека Европската Унија е главен стратешки приоритет на Македонија, но изразив загриженост поради лошата економска ситуација, недоволното исполнување на реформите и противуставното носење на Законот за јавно обвинителство.

Потенцирав дека е потребен закон за јавно обвинителство кој ќе биде напишан од експерти кој ќе гарантира вистинско владеење на правото и ќе ја доближи Македонија до Европската Унија. Додека законот кој го предложи владата на СДСМ е крајно неправеден закон со кој единствено се амнестираат криминалите кои се направени во изминативе години.

Додадов и дека високата корупција и криминалните афери кои се поврзани со високите ешалони на власта за кои нема никаква правна разрешница претставуваат сериозен проблем во владеењето на правото и го нарушуваат патот на Македонија кон Европската Унија.

Посочив дека владата која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се посвети на исполнување на клучните реформи и ќе воведе економски мерки со цел доближување на Македонија до европските стандарди и вредности.

На средбата ја констатиравме одличната соработка помеѓу двете држави и посочивме дека во иднина постои простор за поголема соработка како на економски така и на научен план“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.