Средба Мицкоски – Дуџак: На Македонија и е потребна поголема и побрза испорака на вакцини од КОВАКС механизмот

Денеска, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски, остварија средба со Росана Дуџак, резидентен координатор на Обединети нации во Република Македонија.

На средбата станало збор и за актуелните предизвици на земјава на патот кон Европската Унија, како и економската и здравствена криза.

На средбата Мицкоски ја нагласил потребата од зголемена проактивна улога на Македонија во мултилатералното дејствување.

Мицкоски и Дуџак се осврнале на предизвиците поврзани со пандемијата КОВИД-19, при што Мицкоски истакнал дека е крајно разочаран од слабата реализација на Владата во справувањето со корона кризата и обезбедувањето на навремен почеток на масовна вакцинација. Поради неспособноста на власта да обезбеди навреме вакцини против КОВИД-19, Македонија е последна не само во регионот туку пошироко со започнување на масовна имунизација.

Мицкоски исто така при средбата истакнал дека на Македонија и е потребна поголема и побрза испорака на вакцини од КОВАКС механизмот.

Мицкоски и Дуџак разговарале и за состојбите поврзани со Охридското езеро.

Мицкоски потврдил дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за нудење на конкретни решенија за очигледните проблеми, но за жал изостанува вистинска волја како кај локалната така и централната власт.