Опозициски партии од Македонија и Косово се обидуваат да ја дополнат тематската агенда на меѓувладината седница помеѓу македонската и косовската влада што денеска напладне се одржува во Приштина, пишува Дојче веле.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) уште пред три дена испрати порака од Врапчиште: „Народот ќе го брани албанскиот јазик, Приштина да го крене гласот на меѓувладината седница“.
„Очекуваме на заедничката средба со Владата на Северна Македонија, Владата на Република Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме реакција од сите партии во Косово“, порача Ахмети.
Вчера од ДУИ уште еднаш предупредија дека се наближува денот на одлуката на Уставниот суд за преиспитување на Законот за употреба на јазиците, со партиска оценка дека тоа ќе биде најголемиот удар врз мултиетничкиот карактер на државата. Испратија апел до меѓународната заедница – САД, НАТО и ЕУ како гаранти на Охридскиот договор, до граѓанското општество, до Република Албанија и Република Косово, итно да реагираат против опасноста што му се заканува на духот и достигнувањата на Охридскиот договор.
„Таквата одлука би претставувала последниот клинец во ковчегот на Охридскиот рамковен договор и директна закана за меѓуетничката хармонија што ја гарантира овој договор (…) Не можеме и не смееме да дозволиме самиот темел на мировниот договор да биде доведен во прашање. Ова е линија што не треба и не смее да се премине!“, предупредија од ДУИ.
Меѓувладината седница ќе почне во 12 часот, а ќе и претходи тет-а-тет средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, како и меѓу министрите од двете влади. По седницата ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области, по што двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во пресрет на денешната заедничка седница, косовската влада соопшти дека вчера одржала седница на која усвоила иницијатива за склучување Протокол меѓу косовската и македонската влада за спроведување на Договорот за граничните премини ЕлзеХани – Блаце и Глобочица – Јажинце. Усвоена била и иницијатива за склучување Меморандум за разбирање помеѓу косовското Министерство за економија и македонското Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија во секторот енергетика, во согласност со нивните политики и стратегии.