Средба Мицкоски – Рикер: Власта ги злоупотребува институциите, спроведува нарачани обвиненија, притвори и пресуди

Актуелната политичка и економска состојба во државата, како и реализацијата на стратешките цели на Македонија, беа во фокусот на разговорите во понеделникот меѓу челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Мицкоски, како што информираат од службата за односи со јавноста на неговата партија, посочил дека власта во овие моменти спроведува злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, истакнал дека власта врши сериозни нарушувања на правната држава и владеењето на правото и дека тоа државата ја уназадува во поглед на исполнување на стратешките приоритети и назадувањето на демократските процеси.

Воедно подвлекол дека Република Македонија се соочува со сериозни економски проблеми, лош стандард на граѓаните и сиромаштија која е производ на недоволната ангажираност на владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја истакнал и важноста на стратешкото партнерство на Македонија со своите сојузници и додаде дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ останува интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Соговорниците се согласија дека членството во НАТО и Европската интеграција е клучен фактор за стабилност во нашиот регион и дека е потребна поддршка која ќе придонесе остварување на тие цели, се додава во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.