Во рамки на работната посета на Финска, министерот за европски прашања на Република Македонија, Орхан Муртезани, утрово оствари средба со министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд, на која се разговараше за перспективите на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија, како и за важноста на процесот на проширување на ЕУ како стратешка цел за стабилноста и напредокот на регионот.
Министерот Муртезани се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Финска за европската иднина на Северна Македонија, која не се манифестира само преку политичката поддршка, туку и преку конкретна техничка и експертска помош. Муртезани ја подвлече важноста на реализираните Tвининг проекти, кои досега вклучија седум успешни иницијативи со учество на фински експерти.
МЕП Муртезани истакна дека Македонија е силно посветена на европскиот пат и дека напредокот на земјата во реформските процеси заслужува континуирана поддршка од земјите-членки на Унијата.
Соговорниците разговараа за тековните активности во контекст на реформите во клучните области, како владеење на правото, зајакнување на демократските институции и јавната администрација. Муртезани информираше за напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европските стандарди, како и за подготвеноста на земјата да го отвори првиот Кластер „Фундаментални вредности“ во преговорите со ЕУ.
Соговорниците изразија интерес за интензивирање на соработката во рамките на нови Tвининг проекти, коишто ќе ги опфатат областите на реформирање на јавната администрација, понатамошниот развој на дигитализацијата и зајакнување на организационите и институционални капацитети за процесот на преговарање за пристапување во Унијата. Муртезани и Странд констатираа дека исполнувањето на реформските критериуми е клучно, но и дека процесот на пристапување кон Унијата мора да остане динамичен и опиплив, за да се задржи мотивацијата на граѓаните и владите на земјите-кандидатки.