Средба на лидерите од „За подобра Македонија“: Потребни се брзи избори за крај на агонијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со генералниот секретар на партијата Игор Јанушев и потпретседателот Владо Мисајловски денес оствари средба со претседателите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.

На средбата беше разгледана моменталната општествено – политичка ситуација во државата, зголемениот криминал и корупција, како и загубената надеж на граѓаните во правната држава. Последните случувања со случајот „Рекет“ и милионското изнудување на пари од бизнисмени, беа оценети како поразителни за правниот систем. Таквата криминална операција која траела со месеци е оценето дека не е можно без знаење на највисоките претставници на власта. Недејствувањето на ЈО и другите институции, што се огледува преку развлекување на истрагата, ја загрозува нашата европска иднина, и истото е поразително за државата. Недозволиво е поради криминогеноста на власта да страдаат граѓаните и државата, информираат од партијата.

Мицкоски истакна дека Македонија се соочува со целосна стагнација на сите полиња. Особено во економска сфера. Граѓаните се сѐ посиромашни, рече и додаде дека земјоделците ср понижени, лекарите незадоволни, образовните работници немотивирани.

Заклучено е дека се потребни што е можно побрзи предвремени парламентарни избори, за да се стави крај на агонијата во која е западната државата. За веднаш по изборите да се пристапи кон систематско решавање на проблемите на граѓаните во насока на обнова на Македонија.