Средба на Пендаровски со амбасадорот на ОБСЕ за изборите и формирањето на новата Влада

Претседателот Стево Пендаровски, на средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, разменил мислења и информации за состојбата во земјата по одржаните предвремени парламентарни избори и формирањето на новата Влада.

Како што информираат од Кабинетото на претседателот, двајцата соговорници ги разгледале и предизвиците и приоритетите што Македонија ќе ги има во претстојниот период во контекст на европските аспирации на земјата.

Амбасадорот Која го запознал претседателот Пендаровски со тековните активности на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

-Соработката меѓу домашните институции и Мисијата на ОБСЕ во Скопје трае повеќе години во различни области и на повеќе програми, при што Мисијата на ОБСЕ дава советодавна и програмска поддршка во реформа на полицијата, медиумски слободи, изборните реформи, родова еднаквост, добро владеење, човекови права, спроведување на интегрирано образование – истакнал амбасадорот Која.

Соговорниците размениле и мислење за предизвиците во справувањето со пандемијата на Ковид-19, како и за мерките кои се преземаат на национално и локално ниво од институциите во земјата.