Средба на приватните автобуски превозници со Арсовска и директорот на ЈСП

Град Скопје и ЈСП остварија средба со претставниците на приватните автобуски превозници во градот Скопје „Слобода превоз“ и „Макескпрес“ на која тема на разговор беше енергетската криза со која во моментов се справува државата, а директно ги засега токму превозниците.

Приватните превозници истакнаа дека со моменталната цена на метанот која е зголемена за 100 проценти, не можат да ги користат еколошките автобуси кои се и повеќе од потребни, посебно во овие моменти кога ситуацијата со загадениот воздух е алармантна. Приватните јавни превозници кажаа дека побарале помош од Владата поради новонастанатата ситуација и се надеваат дека централната власт ќе има слух за нивните барања, со цел издржување на оваа криза.

„Слобода превоз“ и „Макекспрес“ сметаат дека една од можностите која може да биде реализирана во овој момент е да се обезбедат средства во вид на субвенционирање на возилата од јавниот превоз, трите денари по литар кои одат во буџетот како еколошка такса, а сето тоа да биде да уредено на соодветен начин. Според нив оваа мерка е изводлива и нема да станува збор за голем трошок на Влдата, ако се земат во предвид возилата во јавниот превоз кои го користат метанот како погонско гориво.

Приватните превозници бараат и со закон да се обезбеди соодветно законско решение кое ќе ја заштити цената на овој енергенс како еколошки неопходен и стимулативен во постојниот и иден развој на дејностите од јавен интерес.

Арсовска изрази поддршка за превозниците во овие тешки моменти на криза. Порача дека Градот ќе ги презентира и достави предизвиците пред Владата со цел да се изнајде решение помогне на приватните јавни превозници.