Средба Путин-Ердоган во Сочи

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 22 октомври во Сочи ќе се сретне со својот домаќин, рускиот претседател Владимир Путин, соопшти синоќа кабинетот на турскиот претседател.

Во вчерашниот телефонски разговор Путин го покани Ердоган да ја посети Русија, за да разговараат за процесот на политичко решавање на ситуацијата во Сирија.

Британските медиуми потсетуваат дека двете земји имаат свои воени сили во Сирија, каде Турција почна акција против тамошните Курди, додека руските војници им даваат поддршка на сириските владини сили, кои напредуваат кон север.

Турција на 9 октомври ја почна операцијата „Извир на мирот“ на северот од Сирија со цел, според наводите на Анкара, да создаде тампон зона долж границата меѓу двете земји, каде планира да ги врати сириските бегалци, како и од својата граница да ги отстрани Курдите, кои ги смета за терористи.

Сирија оваа турска акција ја гледа како чин на агресија, а потегот на Анкара наиде на осуда на речиси целата меѓународна заедница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.