Средба со деведесет и седумгодишниот партизан Јован Величковски

На секое одбележување значајни датуми и годишнини од историјата од Народноослободителната војна најзабележителен е деведесет и седумгодишниот Јован Ванчо Величковски од беровското село Митрашинци, учесник во НОВ и член на Четвртата македонска ударна бригада. Така беше и на одбележувањето на овој 11 Октомври, Денот на востанието и Денот на борецот. Положи свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата во Струмица и им оддаде почит на загинатите и починатите другари од Втората светска војна.

Лани не присуствувал на одбележувањето, но годинава ги броел деновите до големиот празник.

– Не само на овој празник, туку и на другите учествувам во одбележувањето. Сè уште се сеќавам на воените дејства и имам многу да раскажувам, но досега малкумина се заинтересирале за тоа, рече дедо Јован, придружуван од неговиот внук имењак со кого доаѓа на одбележувањата на настаните од историјата од Народноослободителната војна.

И веднаш почнува. Како да е сега кога раскажува за ослободувањето на Струмица и кога првпат влегле во градот во август 1944 година.

– Влегувавме и излегувавме од градот. При првото влегување се одржа митинг кај Монополот. Потоа се повлековме кон селото Варварица и на 11 септември конечно ја ослободивме Струмица. Водевме борби со бугарските војници кај гробиштата и кај селото Водоча, почна да раскажува партизанот Величковски.

Продолжува за борбите со германските сили кои се повлекувале од Грција, но и за неговото ранување во битка кај Штип.

– За среќа, еднаш сум ранет. Преку шинелот ми поминале многу куршуми, но само еден полесно ме повреди, со голема насмевка евоцира спомени дедо Јован.

Војната ја завршил на 22 години со чин капетан прва класа и бил префрлен во Скопје, а потоа во Струмица дошол во 41-та дивизија, каде што бил поставен за командант на баталјонот, лоциран во селото Вељуса. Потоа повторно заминува за Скопје и е активен во војската до 1947 година. Како цивил извршувал различни задачи на повеќе места.

Се навраќа пак на две тешки битки, кои секогаш ќе ги памети, едната на Паруца и на Лисец.

– Втората беше многу тешка и имаше многу бугарска војска на 16 август. На едно момче од валандовското село Јосифово Бугарин му го гризна увото кога се боревме гради во гради, се сеќава Величковски.

Раскажува и за битката кај селото Лаки, Виничко, за добивањето храна од Англичаните, кои од авиони ја фрлале храната на нивните позиции и многу други случки од секојдневните борбени активности. Во свежо сеќавање му е битката во родното Митрашинци, кога успеале да ја запрат непријателската патрола да не ги открие нивните позиции. Поминале повеќе села во Беровско и добиле задача да ја нападнат полициската станица во Берово и да го заробат началникот. Но, полициската станица била напуштена, а началникот побегнал. Во просториите ја затекнале само неговата жена и оружјето, меѓу кое имало и кама, која ја чува и денес.

Муабетот го свртувам за тајната за неговата долговечност и виталност.

– Ниту сум пушел, ниту сум пиел. Не паметам некогаш да сум се напил или да сум почнал да пушам. Постојано се движам, водам сметка колку и што јадам, односно никогаш не сум бил гладен или, пак, не сум јадел многу и засега е добро, гордо објаснува дедо Јован.

Периодот во првата деценија од ослободувањето го оценува како многу тежок, особено по формирањето на задругите, кога била одземена стоката и селаните биле терани сосила да се зачленат во задругите.

– Во другите републики не беше така. По расформирањето на задругите во 1953 година беше полесно. Почна да се враќа стоката, ама за пари. Кој имаше пари, можеше да си ја купи повторно, но многу луѓе умреа од мака. Потоа беше многу подобро, вели Величковски.

Разговорот го продолживме за денешните, актуелни случувања, НАТО, ЕУ, договорите со соседните држави.

– Добро е тоа што се направи со договорите, не е лошо. Со приемот во НАТО сме заштитени и тоа е јасно, бидејќи сме многу мали и треба да се придружиме кон некоја голема сила, го кажува својот став партизанот Јован Ванчо Величковски.

На 2 јануари 2020 година ќе ја започне 98-та година од животот. Се разделивме со желба за добро здравје и повторна средба на одбележување годишнина или настан од Народноослободителната војна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.