Во рамките на Меѓународната конференција на трудот (MOT – ILO) што се одржува во Женева, Швајцарија, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска оствари средба со Регионалниот директор на МОТ за Европа и Азија во Женева, Хајнц Колер.
Тема на средбата беа активностите и проектите коишто се спроведуваат во Македонија, во делот на техничка помош и поддршка од Меѓународната организација на трудот.
Министерката информираше за текот на активностите за подготовка на новиот Закон за работни односи, како и дека нацрт-текстот е подготвен и усогласен со стручните предлози и препораки добиени од Меѓународната организација на трудот, при што се направени и напори да се обезбеди усогласеност со европското законодавство и конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Притоа ја нагласи и поддршката од МОТ за измена на постоечкиот Закон за мирно решавање на работните спорови, со цел да се подобри спроведувањето на мирното решавање на индивидуалните работни спорови, со оглед на фактот дека овој систем се покажа успешен во колективните работни спорови.
Министерката информираше и за мерката „Да ја направиме декларираната работа привлечна за работодавачите и вработените“ која се спроведува во Охрид и Струга и има за цел преку поедноставување на процедурите за вработување и понискиот придонес за социјално осигурување на краткорочните работници да се постигне намалување на неформалните вработувања и работата на црно. Евалуацијата на оваа мерка ќе се изврши во октомври 2022 година.
„Особено е важно да се спомене Младинската гаранција, која е дел од европските водечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите (15-29 години), понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантска работа, во рамките на период од четири месеци од денот на пријавувањето во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија,“ рече Тренчевска.
Во 2021 година, од вкупниот број лица кои влегле во процесот на младинска гаранција, 8064 млади до 29 години или 41% се вработиле или стекнале вештини кои ја подобриле нивната вработливост и станале конкурентни на пазарот на трудот.
Колер истакна дека, имајќи предвид дека тој е еден од креаторите на програмата за младинската гаранција, особено задоволство му причинува фактот дека резултатите од имплементацијата на младинската гаранција во нашата земја ги надминува очекувањата. Тој додаде дека Меѓународната организација на трудот ќе продолжи да ја поддржува РСМ на патот на унапредување на трудовото законодавство, безбедноста и здравјето при работа и зголемување на вработливоста.