Средба Заев – Коѕиас: Владата фокусирана на добрососедски односи

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска оствари средба со грчкиот министер за надворешни рабори Никос Коѕиас, на која како што е наведено, во пријателска атмосфера изразиле определба за продлабочување на довербата меѓу Македонија и Грција, низ принципиелни односи и меѓусебна грижа за интересите на двете држави и на нивните народи, информираат од Владата.

Заев изјавил дека иднината на регионот е само преку позитивен пристап во решавањето на отворените прашања меѓу државите, со меѓусебно почитување и разбирање.  Потенцирал дека новата Влада е фокусирана на развивање добрососедски односи, на европските вредности што се имплементираат низ отпочнатиот рефорсмки процес временски дефиниран во Планот 3-6-9, како и на активностите важни за членството во НАТО. Заев рекол дека ако Република Македонија се придвижи напред, тоа ќе биде добро и за целиот регион.

Коѕиас истакнал дека ја поддржуваат земјата во евро-атлатските аспирации, дека сакаат стабилност во регионот и дека во Македонија гледаат добар сосед.

„Ние припаѓаме на мирољубиви држави. Република Грција нема геополитички и геостратешки интереси кон вашата земја. Отворени сме за ефикасно затворање на проблемите, кои некогаш може да значат и недоразбирања, преку респектирање на интересите на двете држави“, рекол Коѕијас.

Претходно средба со Коѕиас оствари и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој истакна дека дел од темите на средбата биле градењето меѓусебна доверба и воспоставување блиски и пријателски односи како основа за решавање на проблемите и Планот 3-6-9 во насока на деблокирање на процесот на евроатланската интеграција на Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.