Средните училишта во Скопје ќе добијат прочистувачи на воздух

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска одржа конференција за медиумите во СУГС „Орце Николов“ каде што се поставуваа прочистувачи на воздух во  училниците.

Сите средни училишта на Град Скопје добиваат прочистувачи на воздух. Во 23 училишта, во секоја училница ќе поставиме  вкупно 572 прочистувачи на воздух. Тоа значи  дека од денеска па натаму, учениците ќе поминуваат барем една третина од денот во простории со прочистен воздух, особено важно во денови на зголемено загадување на воздухот во градот. Вредноста на прочистувачите е  околу 11 милиони денари –изјави Шилегов.

Градот Скопје е единствената единица на локалната самоуправа која обезбеди прочистувачи за воздух за секое свое училиште.

 Наша должност е да се грижиме за здравјето и квалитетот на живеење на нашите сограѓани, децата се наша иднина и нивното здравје е наш приоритет. Имаме обврска да создаваме услови за здраво живеење, да ги намалуваме ризиците по здравјето на граѓаните, да овозможиме што поздрава животна средина за сите вклучително и за младата популација. Ученичката популација е движечка сила на општеството и на нашиот град и секој чекор вложен во нив е директен влог во иднината, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека поради фактот што ученичката популација е значајна за Град Скопје оваа година се реконструирани 11 средни училишта и тие добија енергетски ефикасни фасади, а во преостанатите училишта беше извршена санација на санитарните јазли, подови, врати, електрика и греење онаму каде што беше потребно. За овие  интервенции Градот од Буџетот издвои 60 милиони денари.

Сите ученици од средните училишта на Град Скопје од септември оваа година добија бесплатен автобуски превоз. Односно,  покрај 20. 000 ученици кои добивале бесплатни билети, од почетокот на оваа учебна година, бројот го зголемивме за дополнителни 2000 ученици. За прв пат годинава доделивме вкупно 100 стипендии на ученици од средните училишта на Градот во висина од 3000 денари месечно, за 8 месеци. Исто така, Градот Скопје годинава започна и со адаптација на училиштата за лицата со телесна попреченост. Од летниот период до сега, направени се тоалети за лица со посебни потреби во седум средни училишта (Панче Караѓозов, Ј.Броз Тито, Зеф Љуш Марку, Ѓорѓи Димитров, Кочо Рацин, Боро Петрушевски и Лазар Танев), а во тек е изработка на ваков тоалет во СУГС Браќа Миладиновци. Покрај тоалетите, во секое училиште каде што постоеше соодветен простор, се обележаа паркинг места за лица со посебни потреби. Адаптацијата на училиштата се одвива развојно, така што и во преостанатите училишта се работи на процедурите за адаптација на пристапноста. Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење. Оваа категорија на наши сограѓани безусловно мора да ужива еднакви права. Наша обврска е да им го олесниме секојдневното живеење, рече Шилегов.

Градот Скопје во 2018 година, во соработка со АВРМ и УНДП работно ангажираше вкупно 17 образовни асистенти во 9 средни училишта кои работат со учениците со посебни образовни потреби. Овие асистенти се припадници на некоја од социјално ранливите групи на население вклучително и приматели на социјална помош.

Нашите деца заслужуваат да учат во подобри услови. Затоа инвестираме во секој сегмент од нивното образование, создаваме можност за непречено функционирање во училишниот систем и унапредување на квалитетот на образовниот процес, кажа Шилегов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.