Средношколците и студентите на протестот пред МОН – кратење на целиот материјал од матурата и подобар студентски стандард

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука одржа протест за што доби поддршка и од студентите.

Главно барање на средношколците е скратување на материјалот предвиден за полагање на државната матура. Се жалат дека им било најавено кратење на материјалот, но дека немале увид во него.

„Поминавме низ онлајн-настава, дојави за бомби, поминавме низ штрајкови на професори, кои ги поддржавме, и штрајкови на вработените на ЈСП, што го отежна доаѓањето на учениците на училиште. Сето тоа ќе влијае на полагањето на државната матура… ние сме оштетена генерација“, рече Алисија Угриновска.

Предлогот за укинување интерен предмет, како што велат, е само алтернатива доколку не им биде прифатено главното барање за кратење на целиот материјал.

Тие ги доставиле своите барања до МОН, а имаат најава за средба со министерот Шакири во 13 часот.

Студентите со поддршка за средношколците, но и со свои барања.

„Целта на овој протест е немањето слух на Владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и почитување на роковите на исплата на оброкот и на стипендиите, бараме подобрување на условите во студентските домови, кои се катастрофални…“ рече Теодора Наумовска.

Тие рекоа дека не се почитуваат роковите за исплата и дека стипендиите доцнеле шест месеци, а оброците еден месец.

Бараат субвенционираниот оброк да изнесува 160 денари.

Барањето за укинување на еден од интерните испити на државната матура, кое го предложија дел од годинашните матуранти, според Сојузот на средношколци е спротивно на интересите на матурантите и ќе им наштети на оние ученици кои ќе се одлучат да аплицираат на студии во странство.

Доколку се укине еден интерен испит, нагласува Сојузот, можноста да се запишат на факултет огромно мнозинство средношколци ќе биде сериозно намалена и нарушена.

„Едноставно факултетите нема да можат да ги бодираат кандидатите чии испити би содржеле само македонски јазик и литература, англиски јазик или математика, и уште еден изборен предмет. Ова особено важи за учениците кои планираат да студираат во странство“, велат од Сојузот на средношколци.

Додаваат дека со укинувањето на еден интерен испит ќе им ги уништат трудот и амбициите на овие средношколци, а со сличен проблем може да се соочат и матурантите кои ќе студираат дома доколку универзитетите во земјава се одлучат на построги критериуми при уписот.

За Сојузот на средношколци е нелогично барањето за укинување на еден интерен предмет, зашто, како што велат, интерните испити се полесни во однос на екстерните, а просечната оценка на овие испити е значително повисока од испитите кои се екстерни.

„Од досегашните наоди, утврдивме дека на повеќето интерни испити 99 отсто од оценките се 5 и 4, односно двете највисоки. Исто така, нашата анализа покажа дека неретко се случува просечната оценка на дадени интерни испити да биде 5.00. Оттука, Сојузот не разбира како укинувањето на еден интерен испит е во интерес на средношколците имајќи предвид дека успехот на средношколците е значително повисок на овие испити, што значи дека тие носат повеќе поени при уписот на факултет“, посочуваат оттаму.

Сепак, од Сојузот на средношколци информираат дека денеска ќе одржат вонредна седница на Генералното собрание на кое ќе бидат донесени неколку конкретни барања кои, како што велат, истовремено ќе се во интерес на сите средношколци и ќе го приспособат и олеснат полагањето на државната матура. Откако ќе бидат усвоени, барањата ќе бидат објавени јавно.

На почетокот на неделава, Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) најави дека до Собранието и до Владата ќе испрати барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација – или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека следната недела ќе одржи состанок со Државниот испитен центар (ДИЦ) во насока на разгледување на законските можности, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.