Средното училиште Арсени Јовков доби лифт и платформа за лица со посебни потреби

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска во средното училиште „Арсени Јовков“, присуствуваше на пуштањето во употреба на лифт и лифтовска платформа за лица со посебни потреби. На промоцијата присуствуваа и заменик-министерот за образование и наука, Сафет Незири, градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски, како и директорката на средното училиште „Арсени Јовков“, Јованка Аспровска.

„Преку реализацијата на овој Проект, Градот Скопје придонесе за овозможување на непречено следење на наставата во оваа образовна институција, од лицата со посебни потреби. Ова е втор ваков лифт кој Градот го изгради за потребите на лицата со посебни потреби. Имено, во насока на остварување социјална заштита на лицата со посебни потреби, односно подобрување на квалитетот на нивното живеење и создавање услови за независен живот, што претставува еден од главните приоритети на Град Скопје, во 2010 година ја постави лифтовската платформа за лица со посебни потреби, во СЕТУГС “Михајло Пупин“. На овој начин, Градот создаде услови за вклучување на лицата со посебни потреби во воспитно-образовниот процес и на тој начин, училиштата ги направи достапни за сите ученици од Скопје, но и за оние што од другите градови на Републиката, доаѓаат да учат во Скопје. Во оваа пригода, можам да најавам дека многу скоро, се надевам уште на почетокот на наредната година, ќе можеме да ја промовираме и вертикалната лифтовска платформа што се гради во Младинскиот културен центар, трет лифт од ваков вид. Градот Скопје, на овој начин на лицата со посебни потреби, ќе им го олесни пристапот и следењето на случувањата од областа на културата во оваа градска културна институција. Ова ќе биде само уште една потврда дека Градот е можеби и единствената институција која има изградено толку лифтови наменети за лицата со посебни потреби, институција која неуморно работи во насока на олеснување на нивниот живот“, истакна градоначалникот Трајановски.

Идејното решение за лифтот и лифтовската платформа го подготвија професори од Машинскиот и од Архитектонскиот факултет од Скопје, а нивната изведба ја направи „МАКЛИФТ“. Производител на лифтовската платформа е „Sities“ -Италија, а годината на производство 2013 година. Носивост на лифтот е 230 килограми, брзина на движење  5 метри во минута, број на станици 2, висина на дигање 3,25 метри, димензии на кабина 1,6 х 1,32 х 2  метри, а  подот на кабината е изработен од ПВЦ противклизен материјал. Лифтот има клуч за користење на повикувачки команди, а градоначалникот на Трајановски на директорката Аспровска и ја предаде сета потребна документација, со која се потврдува дека лифтот ги исполнува сите стандарди за употреба и безбедност, во согласност со европските стандарди за мобилност и безбедност.

„Моето присуство овде само ја потврдува одличната соработка што Министерството за образование и наука ја има со Градот Скопје, Општините и Средните училишта на Град Скопје. Би апелирал и до другите локални власти и институции во државата да го следат овој пример и да работат успешно како што работи една ваква институција каква што е Град Скопје“, рече заменик-министерот Незири.

Програмата на Градот Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со посебни потреби, до институциите во градот, е развојна. Започнувајќи од 2007 година па досега, Градот изгради 18 пристапни рампи за лицата со посебни потреби во 12 средни училишта што се во негова надлежност како и 5 пристапни рампи на влезовите и други поважни приоди на 5 градски културни институции. На овој начин, со изградените вкупно 23 пристапни рампи, Градот Скопје претставува позитивен пример во обезбедување пристапност за лицата со посебни потреби.

Градот Скопје постојано ги унапредува начините за остварување на правото на пристапност на лицата со посебни потреби, со континуирано создавање услови за нивно вклучување во општествените текови и непречено следење на наставата и културно-забавниот живот, како и спортските настани во градот, токму затоа во 2014 година во Буџетот на Град Скопје и програмата за социјална заштита, за оваа намена, се предвидени  4  милиони денари.

За реализација на овој проект, лифт и лифтовска платфома во едно од градските средни училишта, од Буџетот на Град Скопје за 2013 година, се издвоени околу три милиони денари, а финансиска поддршка даде и домаќинот, средното училиште „Арсени Јовков“.