Сродник на коронавирусот најден во примероци од лилјак постари од 10 години

Коронавируси кои се тесно поврзани со коронавирусот означен како SARS-CoV-2 кој може да ја предизвика болеста Covid-19, се откриени во двојка лилјаци проучувани во Камбоџа пред повеќе од десет години, се наведува во студијата објавена во научното списание Nature Communications.

Споменатото истражување, така, дополнително ја поддржува теоријата дека глобалната пандемија на коронавирусот е резултат на „преминувањето на вирус кој се пренесува преку лилјаците“.

Кон средината на декември 2019 година владини функционери во централниот кинески град Вухан потврдја дека здравствените институции лекуваат неколку случаи на воспаление на белите дробови предизвикани од непознат патоген. Само неколку дена подоцна кинеските научници го идентификуваат новиот коронавирус SARS-CoV-2, кој тогаш веќе зарази неколку десетици лица во Азија.

Во текот на следните месеци владееше одредена мистерија околу потеклото на новиот коронавирус. Здравствените експерти, светските челници и корисници на интернет изнесуваа различни претпоставки околу изворот и потеклото на овој коронавирус.

Повеќето стручњаци за заразни болести се согласуваат дека вирусот незабележано прескокнал од лилјак на друго животно, коешто подоцна го пренело на човекот. Тоа се совпаѓа со официјалната кинеска теза, прифатена и од СЗО, како и со најновата студија објавена минатиот четврток во списанието Science, според која првиот познат случај на Covid-19 бил продавач на пазарот за храна од диви животни и морски плодови во Вухан.

Во последната студија во Nature Communications, научниците се потпирале на метагеномското секвенционирање за да го идентификуваат „речиси идентичниот вирус“ кај два примерока на ткн Шамелови лилјаци, од кои биле земени примероци во 2010 година.

Авторите на истражувањето предупредуваат и дека одредени видови мачки, ласици и цибети, коишто живеат во областа на југоисточна Азија, се подложни на зараза со SARS-CoV-2 и, во крајна линија, би можеле да бидат посредници во преносот на вирусот врз луѓето. Покрај тоа, групи панголини запленети во текот на операција против нивното криумчарење во 2020 година покажале знаци на зараза со вирусот SARS-CoV-2.

„Југоисточна Азија е живеалиште на голема разновидност на дивите животни и голема трговија со диви животни коишто луѓето ги доведува во директен контакт со дивите домаќини на коронавируси слични на SARS-oт“, вели Луси Китс од Здравствената програма на Друштвото за зачувување на дивите животни (WCS) и коавторка на студијата.

„Регионот минува низ драстични промени во користењето на земјиштето за развој на инфраструктурата, урбаниот развој и земјоделската експанзија, што може да ги зголеми контактите меѓу лилјаците, другите диви животни и луѓето. Континуираното и сеопфатно набљудување на лилјаците и другите диви животни во југоисточна Азија е клучната компонента за подготвеноста и превенцијата на идните пандемии“, додава Китс.