21.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Српска листа се враќа во Владата на Харадинај по самитот во Софија

Најголемата српска партија во Косово,  Српска листа, се очекува да се врати во косовската Влада веднаш по Самитот на Европската унија и Западен Балкан, кој денеска и утре се одржува во Софија, пишува „Газета Експрес“, наведувајќи дека оваа партија, практично, во ниеден момент не ги напушти функциите во Владата на Рамуш Харадинај.

Извори на порталот во партијата, како што јави дописникот на МИА од Приштина, потврдиле дека формалното враќање ќе се направи како „гест на добра волја на претседателот на Србија Александар Вучиќ, како доказ дека Србија се залага за регионална соработка“.

Партијата на косовските Срби, која сите дејствија ги презема во тесна координација со официјален Белград и со Вучиќ, кај кого често оди на консултации, објави дека излегува од Владата по апсењето и протерувањето од Косово на директорот на српската Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ.

Со образложение дека влегол илегално во земјата односно не ги почитувал воспоставените процедури за вакви посети, косовските специјалци, во спектакуларна акција, на 26 март годинава го уапсија Ѓуриќ во северна Митровица и со лисици на рацете го протераа од Косово.

Ова апсење предизвика бурни реакции во Србија, а Српска листа објави дека ја напушта Владата и ќе дејствува како опозиција. Меѓутоа, според „Газета Експрес“, тоа воопшто не се случи и министрите од оваа партија секојдневно одеа на работа во своите кабинети и ги извршуваа министерските должности.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.