Српска листа во одбрана на новинарката на РТК која го употреби терминот „Косово и Метохија“

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), ги осуди нападати од страна на раководството на косовската јавна радителевизија РТК врз новинарката на редакцијата на српски јазик на РТК2 Александра Догановиќ, на која ѝ се заканува отпуштање од работа поради употреба на терминот „Косово и Метохија“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на СЛ се оценува дека заканите кон Догановиќ претставуваат уште еден вид на притисок врз косовските Срби и кршење на нивното право на слобода на изразување.

– СЛ ја потсетува јавноста дека новинарката на српскиот канал е „обвинета“ за кршење на правилата затоа што го употреби терминот „Косово и Метохија“ во програма. Ја потсетуваме јавноста дека и уставот на Косово кој е усвоен во Приштина во членот 59.9 го гарантира правото на граѓаните да ги користат „имињата на местата, имињата на улиците и другите топографски обележја“. Албанците го користат терминот Дукаѓини за областа на Метохија, така што несомнено во Приштина сметаат дека Србите немаат право да ги користат своите топоними, се вели во реакцијата на СЛ.

Според таа партија, новинарите и уредниците на РТК објавиле голем број хроники и прилози „полни со шовизинизам и говор на омраза“ и никој за тоа не понел одговорност.

Во соопштението се повикуваат меѓународните претставници во Косово, како и новинарските здруженија, да реагираат на нападите врз новинарката на програмата на српски јазик на државната телевизија.

– Српската листа силно го осудува задушувањето на правата на српскиот народ од страна на одговорните лица и институциите во Косово и бара итна реакција на Канцеларијата на ЕУ во Косово и Метохија, но и на ОБСЕ, УНМИК, амбасадорите на Групата Квинт и на сите здруженија на новинари, се вели во соопштението.