Српската црква ќе ја признае Македонската црква, дознава српски Курир, а Вранишковски ќе оди во пензија

Српската црква ќе признае единство со досегашните расколници во Северна Македонија во рамки на Охридската архиепископија, нешто што и самата сакаше да го направи, но намерно беше престигната од вселенскиот патријарх Вартоломеј кој сакал да излезе дека исклучиво благодарение нему е донесена одлуката за канонско признавање на клирикот на досегашната расколнича црква, пишува српски Курир. Според медиумот кој се повикува на извори од СПЦ, Саборот ќе ја потврди таа одлука на Вартоломеј, а Јован Вранишковски „ќе оди во пензија“.

Вистината е дека јерахијата на СПЦ, со патријархот Порфирије на чело, била подготвена да се договори за црковно заедништво со расколниците, за што е директно и индиректно разговарано во изминатиот период, дури и во почетокот на овој месец, кога во Ниш се состанале патријархот Порфирије и архиепископот Стефан, придружени со јерархи на двете цркви, пишува Курир, повикувајќи се на извор од СПЦ и додава:

„Признавањето од страна на СПЦ ќе значи и тоа дека внатре во Православната охридска архиепископија (ПОА) ќе има сериозни кадровски промени. ПОА беше автономна архиепископија во Северна Македонија, призната од вселенскиот патријарх Вартоломеј и сите помесни цркви, а тие мораше само да го споменуваат српскиот патријарх на литургија, како и сите останати архиепископи и патријархи во православниот свет. Сега ПОА практично ќе биде преземена од досегашната расколничка ерархија во Северна Македонија со досегашниот расколнички архиепископ Стефан на чело и ќе се вика Охридска архиепископија. А досегашниот архиепископ Јован (Вранишковски) ќе биде пензиониран, покрај другото, и заради сериозната здравствена состојба за што придонесе долгогодишниот прогон од страна на македонските власти, вклучувајќи ја тука и повеќегодишната робија“.

Според Курир, останатите епископи на ПОА, Марко, Давид и Јоаким, кои беа најблиски соработници на Вранишковски, ќе добијат на управа или некој од манастирите во Македонија и ќе го задржат епископскиот чин, или пак ќе добијат епархија „внатре во Охридската архиепископија“.

Според медиумот, така по 55 години, ќе се дојде до помирување со Црквата во Македонија, а набрзо би се служела и заедндичка литургија.

На имот не се претендира, според изворот на Курир, бидејќи „на СПЦ ѝ е одземен имотот во Македонија во времето на комунистичкото владение“.

Курир наведува и дека уште на 6 мај eпископот зворничко – тузлански Фотије, во својата беседа на Ѓурѓовден, кажал дека на заседанието на Саборот на СПЦ непризнатата МПЦ ќе се врати во канонско единство со СПЦ.

Саборот на СПЦ започнува утре со свечена седница во Сремски Карловци, а во понеделник работниот дел ќе се одржи во храмот Свети Сава во Белград.