Српската економија подобро од очекуваното во коронакризата, оптимизам за 2021-ва

Србија, според економските показатели, имала извонредно тешка години но ја завршува подобро отколку што ѝ прогнозираа меѓународните финансиски институции на почетокот од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, се оценува во билтенот Месечни анализи и трендови (МАТ) на почетокот од 2021 година.

Падот на српската економија во 2020-та, годината на пандемијата на коронавирусот ќе изнесува околу 1 отсто, што претставува најмал пад на бруто домашниот производ (БДП) во Европа, оценува уредникот на МАТ, Иван Николиќ.

Тој за порталот Biznis.rs оценува дека овие резултати се последица на големиот пакет помош кој го одреди владата на Србија за сузбивање на негативните ефекти од пандемијата, но и фактот дека српската економија во кризата влезе со висок економски раст, суфицит во буџетот, како и дека втора година со ред земјоделието остварило добар резултат.

Српската влада во текот на 2020 година преку повеќе пакети помош за стопанството, особено за малите и средните претпријатија, издвои повеќе од 5,1 милијарди евра, изјави кон крајот на штотуку завршената година министерот за финансии Синиша Мали. Николиќ смета дека пакетот мерки на владата на Србија „бил обемен“ и дека одговарал на економскиот потенцијал на домашната економија.

Таа помош од околу 12,7 отсто од БДП-то, според оцената на Николиќ, била најголема во регионот. Под Србија според помошта од државата во сузбивањето на негативните последици од коронакризата биле земји од регионот кои се членки на Европската унија, како Романија, Бугарија и Хрватска, но и како Чешка и Латвија.

Во однос на тоа каква ќе биде економската 2021 година, експертите сугерираат дека за Србија е многу важно да го одржи високото ново на директните странски вложувања. Го истакнуваат фактот дека Србија, и покрај коронакризата, ја завршила 2020 година со околу 2,8 милијарди евра инвестици, што е повеќе од 60 отто од вкупните инвестиции на подрачјето на западен Балкан.

Процените на економските аналитичари се дека Србија, доколку нема дополнителни стопански крахови, кон крајот на 2021 година би можела да се врати на нивото пред кризата.