Српската надворешна политика и Македонија

Македонија му е неопходна на Вучиќ за да се избегне впечатокот дека Србија е лошото момче на Западен Балкан. Македонија нема што да изгуби ако ја прифати оваа српска игра. Србија е нашиот географски излез кон државите од централна Европа. Линија која е од животна важност за Македонија и која во ниеден момент не смее да биде прекината. Фактички, полезно би било доколку македонската страна излезе со предлог за формирање на заеднички висок совет за соработка. Нешто што требе да се направи и со Унгарија.

Се чини српско-македонските односи се движат во нагорна линија. Минатонеделната посета на премиерот Мицкоски на Бeлград резултираше со средби со српскиот претседател, но и со премиерот. Ова е втора средба на двајцата премиери за период од месец дена. Теми на разговор биле инфраструктурните проекти, посебно коридорот 10 и конекторското поврзување на Србија со гас, кој преку Македонија би доаѓал од Грција. Големи проекти, посебно за Македонија! Проекти кои доколку се реализираат, час поскоро, би ја вратиле Македонија на картатат на транзитни држави. Посебно доколку успешно заврши и поврзувањето со Бугарија и со Албанија.

Разговорите за овие проекти, како и нивната реализација, се од стратешка важност за Македонија. Уште повеќе, што таа во последниве неколку години беше целосно исклучена од разговорите помеѓу лидерите на различните балкански држави, по ова прашање.  Оттука, прифаќањето на српската страна да разговара за вакви проекти со македонскиот премиер преставува потврда на јасните сигнали кои во изминативе месеци пристигнуваа од Белград. За да се разбере важноста на овие средби, неопходно е да се потсети дека за жал, претходната македонска влада во неколку наврати подржа политики кои директно ги засегаа српските национални интереси. При ова целосно се игнорираа и македонските национални интереси.

За да нема недоразбирања, политиката на Србија кон Македонија, не е политика на братска љубов. Такво нешто не постои во меѓународните односи. Таа е резултат на комплексната мулти-векторска надворешна политика која ја води Србија, под водство на претседателот Вучиќ. Оваа политика е предмет на постојани анализи, кои за жал тешко дека можат да го дадат вистинскиот одговор. Сакале ние да го признаеме тоа или не, претседателот Вучиќ е велемајстор во водењето на српската надворешна политика. Србија под негово раководство израсна во регионална сила, која никој не може да ја игнорира. Трендост на постојан раст на нејзината економија (во моментов нејзиниот бруто домашен производ тежи 78 милијарди долари) и овозможува солидни вложувања во армијата и во безбедноста. Нешто што претседателот Вучиќ, исцело го користи за остварување на своите надворешно политички цели.

Повеќето аналитичари се согласуваат дека српската надворешна политика се потпира на четири пилара: Европската Унија, САД, Русија и Кина. И тука нема ништо спорно. Спорен е фактот дека таа политика се потпира на уште неколку пилари, кои свесно или несвесно се игнорираат. Србија е активен член во движењето на неврзаните. Движење чии членови се држави кои го сочинуваат глобалниот Југ. Но, и Индија. Една од најбрзорастечките мега-економии во светот. Србија постојано вложува во развој на односите со Турција, но и со државите од Блискиот и  Средниот Исток. Пред повеќе од месец-два, во посета на Белград беше и израелскиот претседател. Дополнително, забележливи се и посети на африкански лидери на Белград. Сето ова укажува дека српската надворешна политика може да се дефинира како „real politic“. Интереси, интереси и само интереси!

Србија е единствената држава од Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија. Таа ја осудува руската агресија, но во исто време одржува нормални односи со Русија. Се шпекулира дека преку трети држави извезува оружје за Украина, но во исто време добива руски гас по повластени цени. Значаен инпут за развојот на нејзината економија. Европската Унија и САД се разбира не се задоволни од ваквото српско однесување. Брисел се заканува и со санкции, но од тоа ништо. Набавката на воени авиони од Франција, во вредност од 3 милијарди евра, како и потпишувањето на меморандумот за разбирање за користењето на резервите на литиум од страна на Унијата, а посебно Германија, сите овие закани ги направија беспредметни. Дотолку повеќе, што Србија ја има во раце и кинеската карта. Цврстите пријателски односи со Кина, на Србија и’ го отворија кинескиот пазар, а Србија својот раст го должи и на значајните кинески инвестиции, посебно во инфраструктурата. На Брисел не му останува ништо друго туку да парира. Вучиќ не е изумител на гео-економиката, но одлично ја игра. Уназадувањата во демократските процеси, скоро целосната контрола врз медиумите, високата корупција и организиран криминал, Брисел ги бележи, вербално го обвинува Вучиќ и неговите соработници, но нема санкции. Обидите за еветуална шарена револуција, предизвикуваат внатрешни тензии, но се далеку од можноста да предизвикаат смена на Вучиќ. Едноставно сите тие го потценуваат факторот- Српска православна црква. Пилар врз кој се потпира и владеењето на Вучиќ, но и српската регионална надворешна политика.

Односите на Србија со САД и НАТО се посебна приказна!

САД го респектираат фактот дека Србија е фактор на стабилноста на Балканот, но и во Европа. Би сакале таа во својата надворешна политика да ја следи Унијата, но тешко дека можат да извршат притисок. Србија не прифаќа да биде членка на НАТО, но двете страни имаат исклучително добра соработка. Всушност најтежок предизвик за САД во односите со Србија е косовското прашање. Жежок костен, како за американската, така и за српската страна. Истовремно солидна алатка на претседателот Вучиќ, кога сака да врши вербален притисок врз САД и НАТО сојузниците, но и да звучи унисоно со земјите од глобалниот југ. Недоволно промислената одлука на САД и сојузниците да извршат агресија врз Србија, без соодветна резолуција на Советот за безбедност, фактички значеше кршење на меѓународното право. Обрзаложенијата за потребата од ваква интервенција од хумани причини, звучи разумно, но не ја менува суштината. Посебно не сега кога истиот аргумент го користи и Путин за започнување на инвазијата врз Украина. Истото се однесува и на признавањето на независноста на Косово. Актот на неговото признавање е во директна спротивност со резолуцијата 1224, која изрично потенцира дека Косово е составен дел на Србија. Фактички, токму овие два момента на одреден број на политичари, но и аналитичари, во светот, им дава за право да потенцираат дека распадот на меѓународниот правен поредок започна со нападот врз Србија. Мислење кое на Вучиќ целосно му оди на рака и не запира во неговото користење.

Неуспешните обиди на Европската Унија, но и земјите членки на групата Г-5 да изнајдат начин за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, во моментов е најголема закана по регионалната безбедност. Дотолку повеќе што отворено или полуотворено, зад политиките на Косово, стојат Албанија и Хрватска, две членки на НАТО. Состојбата во Босна и Херцеговина, воопшто не е подобра. Република Српска на ниеден начин не сака да помогне во надминување на уставните слабости, кои оневозможуваат таа да профункционира како федерална држава, во вистинска смисла на зборот. Всушност, одговор на сите напори кои ги вложуваат ЕУ и САД е иницијативата, сега веќе прифатена и од српскиот парламент и од парламентот на Република Српска за „српски свет“. Се разбира во тој свет се вклучени и Србите во Црна Гора, но и во Македонија.  На еден или друг начин, со официјализирањето на оваа иницијатива, Вучиќ фактички и парира на големоалбанската идеја, која во еден или друг облик циркулира низ регионов. При ова, за да нема забуни, успешна „real politic“ не кореспондира со историските митови и наративи. Настапите на Вучиќ тоа јасно го покажуваат. Во нив тој успешно се обидува да направи дистинкција помеѓу српскиот патриотизам и големоспрпскиот национализам, кој во моментов се држи во позадина.

Гледано од овој аспект, зајакнувањето на соработката помеѓу Македонија и Србија, е нужност за Вучиќ. Македонија му е неопходна за да се избегне впечатокот дека Србија е лошото момче на Западен Балкан. Македонија, од своја страна, нема што да изгуби ако ја прифати оваа српска игра. Во моментов Србија е еден од ретките регионални пријатели кои на дело ни помагаа кога беше неопходно. Уште поважно, Србија е нашиот географски излез кон државите од централна Европа. Линија која е од животна важност за Македонија и која во ниеден момент не смее да биде прекината. Оттука, интензивните контакти помеѓу двете влади околу инфраструктурните проекти требе да се надоградуваат. Србија со нејзината стапка на развој има што да и’ понуди на Македонија. Потпишувањето на меморандумот за реформи во јавната администрација помеѓу ресорните министри, веднаш по средбата на двајцата премиери, е добар пример и за останатите министерства. Србија е далеку пред нас во развојот на земјоделството, но и информатичките технологии. Тоа би требало да знамеме да го искористиме. Фактички, полезно би било доколку македонската страна излезе со предлог за формирање на заеднички висок совет за соработка. Нешто што требе да се направи и со Унгарија.

Автор: Јован Донев за НетПрес