Српската полиција приведе 200 мигранти близу границата со Хрватска

Српската полиција приведе 200 мигранти, кои биле откриени во реонот на градот Шид во близина на границата со Хрватска, јави електронското издание на белградскиот весник „Блиц“.

Според весникот, поголемиот дел од мигрантите илегално престојувале на територијата на Србија, додека останатите биле регистирани во центарот за прием на бегалци во Шид.

Градоначалникот на Шид, Предраг Вуковиќ информираше дека мигрантите биле откриени минатата ноќ на неколку ниви во околина на Шид. Од вкупниот број приведени мигранти, 180 со автобуси биле пренесени во центарот за прием на бегалци во Прешево, во близина на границата со Македонија, додека останатите 20 се изведени пред правосудните органи.

Вуковиќ додаде и дека Опоштинскиот совет на Шид веќе поднел барање за затворање на бегалскиот центар во градот, од причина што неговиот капацитет е за прием на 200 лица, а таму во моментов се смесетни околу 500 мигранти.

„Блиц“ наведува дека судбината на бегалскиот центар во Шид ќе биде решена во следните неколку дена, при што се разгледуваат две можности. Првата е тој да биде целосно затворен, како што бара Општинскиот совет, а втората е во него да останат само околу 100 лица, пред се жени, деца и болни, а преостанатите да бидат префрлени во други центри за бегалци.

Локалните жители на Шид се жалат дека мигрантите често краделе и предизвикувале тепачки. Минатата година еден мигрант со нож рани локален жител на едно село крај Шид, а пред неколку дена друг вооружен со секира упаднал во една куќа.