Српската премиерка учествува во работата на групата Билдерберг во Торино

Српската премиерка Ана Брнабиќ учествува на годишниот состанок на групата Билдерберг кој трае до неделата 10-ти јуни, пишуваат во саботата белградските медиуми,

Според пишувањето на весникот Блиц, ова е првпат некој од Србија да биде повикан на собирот на таканаречената Група Билдерберг, којашто се смета за „светска влада во сенка“, а ѝ се припишуваат многу важни одлуки во меѓународната политика.

Годишниот собир во Торино ќе трае до 10-ти јуни, а присуствуваат 130 влијателни личности од 23 земји од светот, па и премиерката на Србија зад затворени врати ќе учествува во разговорите на темите меѓу кои се „лидерството на САД, Русија, популизмот во Европа…“.

„Сите средби коишто во текот на трите дена се одвиваат во Италија се апсолутно тајни, а на учесниците им е забрането воопшто да зборуваат за она што таму ќе се случува“, тврдат изворите на Блиц.

Владата на Србија соопшти во јануари годинава дека Ана Брнабиќ добила покана да учествува на состанокот во Торино по нејзиното излагање на состанокот на групата Нови лидери за Европа, кој беше одржан на почетокот од годинава на Светскиот економски форум во швајцарски Давос, каде што, исто така но јавно, учествуваа светската политичка и научна елита. Брбаниќ, инаку, од октомври 2016 година е член на групата Нови лидери за Европа на Светскиот економски форум, која ја сочинуваат млади политичари од повеќе европски земји.

Група Билдерберг се нарекува неформалните годишни состаноци од затворен тип, со околу 200 гости, коишто се одржуваат од 1954 година. Повеќето од учесниците се меѓународно влијателни личности од областа на претприемништвото, медиумите и политиката. Според некои теории на заговорот, како и според процените објавувани во реномираните светски медиуми, ова е една од најмоќните политички, медиумски, еконономско-деловни групации, а се состанува еднаш годишно и расправа за иднината на светот.