Српски бизнисмен се обидел да испере 20 милиони евра во ХСБЦ

Повеќе од 106.000 клиенти со потекло од 203 земји во периодот од 2005 до 2007 година успеале да скријат повеќе од 120 милијарди долари на сметките во швајцарската подружница на водечката британска банка ХСБЦ. Меѓу споменатите затајувачи на данок се наоѓа и еден неименуван српски бизнисмен кој во еден миг се обидел таму да внесе 20 милиони евра во кеш.

-Не се мешавме во неговите трансакции. Само го замоливме да биде помалку впечатлив, истакнувале вработените во банката во рамки на истрагата која во неделата беше објавена во францускиот весник „Монд“, британски „Гардијан“ и Би Би Си, како и Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари во соработка со Центарот за јавен интегритет на САД.

-Не сум ниту Робин Худ, ниту Џејмс Бонд, сметав дека е моја граѓанска обврска да ги известам надлежните за масовните малверзации во втората по големина светска банка, вели Ерве Фалчани (43), компјутерскиот аналитичар кој кон крајот на 2007 мата тајно на пет компакт дискови ги снимил податоците за 30.000 странски сметки во швајцарската подружница на британската банка основана во 1865 година во Хонгконг.

Американските милионери, руските олигарси и грчките магнати, членовите на кралските куќи од Саудиска Арабија, Мароко, Бахреин, Јордан, британските манекенки, возачи на формула еден и меѓународните мировни преговарачи се само дел од клиентите на ХСБЦ во Женева, чиишто повеќегодишни даночни манипулации од банкарските досиеја стасале до рацете на Фалчани и неговата тогашна колешка и љубовница Џорџина Микаел.