Српски дипломат во ОН во Женева заразен со коронавирус

Дипломат од Србија кој работи при мисијата во Обединетите нации во Женева е заразен со коронавирусот, потврди во саботата српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и оцени дека „надворешната политика во овие моменти во целиот свет речиси да не постои“.

„Денеска оди на контрола, се надевам дека тој сега е излекуван“, изјави Дачиќ за Радио-телевизија Србија (РТС).

Истакна дека во околностите кога владее пандемија од коронавирусот сите активности на министерството за надворешни работи сега се насочени на тоа да им се помогне на државјаните на Србија во странство, не само на оние кои се затекнати на патувања, туку и на оние кои се заболени.

Во петокот со специјален лет на „Ер Србија“ допатуваа 144 српски државјани од Амстердам и од Париз, и на сите им е пропишана мерката на самоизолација. Во петокот вечерта со авион на руската воздухопловна компанија „Аерофлот“ слетаа и 89 српски студенти од Москва.

„Приоритет се децата, учениците, студентите, оние кои случајно некаде се наоѓаат или на лекување или на службен пат. Кога станува збор за туристите, без никаво лутење – тие се на крајот од приоритетите“, рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија притоа истакна дека „многу е тешко да му се обезбеди семому да се врати“, бидејќи границите се затворени а меѓународниот сообраќај е запрен.