Српски медиуми: Заев призна, Македонците присвојуваа туѓа историја

Српската информативна агенција „Танјуг“ објави информација во која ги пренесува изјавите на премиерот Зоран Заев дадени во интервју за грчката телевизија „Алфа“, дека Македонците присвојувале туѓе историја. Информацијата ја пренесе и РТС со истиот наслов.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев во интервју за грчката телевизија „Алфа“ изјави дека Македонците присвојувале светска, балканска и туѓа историја. Заев наведува дека се обиделе да присвојат туѓа историја не обрнувајќи внимание на соседите, пишува меѓу другото РТС.

Заев во интервјуто направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција говори за точките регулирани со договорот со Грција, во однос на јазикот и словенските корени.

Оваа изјава предизвика силна реакција на социјалните мрежи, а граѓаните му забележуваат на премиерот кој, како што велат, за да им се додвори на соседите,изјави, дека сме ја присвојувале светската и балканската историја како наша, македонска.

Академик Божин Павловски реагира на интервјуто на премиерот Зоран Заев за грчката телевизја „Алфа“ во кое говори за македонската историја. Павловски смета дека ставовите на Заев и неговото гледање на историјата може да го разори целиот образовен систем и кој без тоа минува низ криза.

„Господине Заев, за ова што си го изјавил пред грчкиот телевизиски аудиториум во државата што поседува изградени политички критериуми, треба да се засрамиш. 99  проценти од македонската наука, култура и уметност е беспрекорно коректна кон сите свои соседи. Доказ за тоа се над 70 илјади насловни книги и публикации…Зошто толку лаички и смртно опасно го поткопуваш нашиот духовен живот? Твоето површно гледање на работите може да го разори целиот образовен систем, кој и без тоа минува низ криза. Размислувај пред да отвориш уста, те молам“, реагира Павловски.

-Во минатотосо обидот да се промени и извитопери целата нашата историја, со преземањето на светска, балканска и туѓа историја како наша, без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи со кои сме опкружени и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО – изјави Заев.

Во однос на Договорот од Преспа истакнува дека нашата земја има намера да ги исполни сите обврски.

-Во самиот договор има услови ако една од страните не ги исполни своите обврски, како постапува другата страна. Но, нашата намера е да ги исполниме сите обврски, секако или како две страни во договорот, но истовремено да гледаме уште повеќе напред од овој договор, вели премиерот.