Српскиот парламент одби да расправа за резолуција за геноцидот во Сребреница

Пратениците во српското Собрание на денешната седница одбија на дневен ред да се стави расправа за предлогот на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, поднесена од пратеникот на Партијата за демократска акција на Санџак (СДА), Енис Имамовиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Објаснувајќи го предлогот, Имамовиќ кажа дека резолуцијата е потребна по сите пресуди на Хашкиот трибунал, и поради мирот и помирувањето на бошњачкиот и српскиот народ.

Целта на резолуцијата е да се забрани каква било пропаганда за овој геноцид, величење на воените злосторници и величење на геноцидот врз бошњачкиот народ, објасни тој.

Предлогот на Имамовиќ не беше прифатен, како и оној што го дадоа пратениците на Движењето на социјалистите, кое е на листата на Српската напредна партија (СНС), да донесе одлука за формирање комисија за истрага и утврдување на бројот на жртвите на агресијата на НАТО во 1999 година.

Исто така, беше отфрлен и предлогот на пратеникот на СНС, Миодраг Линта, сите припадници на армијата и милицијата на Република Српска Краина во Србија да им биде признат стажот што го поминале во тие формации, за време на воениот конфликт во поранешна Југославија.