Српскиот претседател Вучиќ свика итен состанок поради дипломатската криза со Црна Гора

FOTO TANJUG/ ZORAN ZESTIC/ nr

Српскиот претседател Александар Вучиќ закажа состанок за подоцна во неделата со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ на кој ќе се дискутира за надворешно-политичките можности, односите во регионот со посебен осврт на неодамнешните настани со Црна Гора.

Можно е, според извор на весникот Блиц, претседателот Вучиќ, без оглед на мерките за реципроцитет, откако Црна Гора го протера српскиот амбасадор, да побара смирување на страстите, не само поради големиот број Срби во таа земја, туку и поради положбата на Србите воопшто во регионот.

Состанокот е закажан за во 18 часот во зградата на Претседателството на Србија.

Прво во саботата амбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, беше прогласен за „персона нон грата“ и од него беше побарано да ја напушти Црна Гора. Неколку часа подоцна пристигна и реципрочната реакција од Србија, со чија дипломатската нота испратена од Министерството за надворешни работи на Србија до Министерството за надворешни работи на Црна Гора, амбасадорот на Црна Гора во Белград, Тарзан Милошевиќ е прогласен, исто така, за непожелна личност.