Српските екстремисти се на штрек, чекаат Вучиќ нешто да потпише на Самитот во Охрид, се најавуваат насилни протести

Екстремисти од неколку ултрадесничарски и проруски организации во Србија планираат насилни демонстрации во деновите по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со посредниците од ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград, повикувајќи се на „Блиц“.

Според неименувани извори на „Блиц“, екстремистички групи го чекаат исходот од охридската средба и се надеваат на „потпишување на нешто“, односно парафирање на некаков обврзувачки договор меѓу Белград и Приштина, што би го сфатиле како доказ за наводното „предавство“ на Косово и причина за улични протести со насилство.

Во саботата вечер повеќе илјади припадници на српски десничарски партии и движења се собраа на протест пред Храмот „Св. Сава“ во Белград, од каде се упатија кон Кабинетот на претседателот Александар Вучиќ. Протестот насловен „Србија памети, брани, не дава“, го организираа движењето Двери, Нова ДСС, ПОКС и Заветници, против, како што најавија, прифаќањето на европскиот план за нормализација на односите со Косово.

Демонстрантите носеа повеќеметарско знаме на Србија и запалени факели и скандираа „Косово, Србија“ и „Косово, не го даваме“.

Протестот претставуваше, како што наведоа организаторите, „надпартиско патриотско обединување“ на сите кои се против договорот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Насобраните имаа три барања – да се отфрли европскиот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, Вучиќ да поднесе оставка и веднаш да се распишат избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.