Српските „Кобри“ се подготвени да одат на Косово

Припадниците на одредот на српската воена полиција за специјална намена „Кобра“ изразија подготвеност да бидат ангажирани на Косово и Метохија. Таа единица е одговорна за антитерористички акции, заштита и специјални операции и е директно подредена на началникот на Генералштабот на војската на Србија.

По седницата на Советот за безбедност одржана во неделата, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати пред граѓаните и порача дека на Космет има тешка борба за опстанок на Србите на нивните огништа. Тој повтори дека косовската полиција нема право да биде на северот на Косово, туку тоа мора да биде Директоратот на Северот.

Премиерот на Косово, Албин Курти, минатата недела ги прекрши сите досегашни договори и испрати околу 300 полицајци, меѓу кои и специјалците на РОСА вооружени, во Косовска Митровица, објавија српските медиуми.