Српските туристи нема да плаќаат патарина во Македонија

Во насока на ветувањето за ослободување на плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона, Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на електронски картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година, информираат од Влада.

Во оваа насока е задолжувањето на Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард.

Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот.

Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Македонија преку Граничниот премин Табановце.