Српско–црногорското малцинство во Албанија бара обрaзование на мајчин јазик и застапеност во институциите

На одбележувањето на големиот православен празник Божик, српско-црногорското малцинство побара од албанската Влада под итно да го реши нивното барање за настава на мајчин јазик и да обезбеди застапеност во интитуциите на локално и централно ниво, јави дописничката на МИА од Тирана.

Според Павло Јанко, претседател на српско – црногорското здружение „Розефа – Морава“, овие нивни легитимни права им биле признати пред 1990 година.

-Бараме исполнување на нашите легитимни барања. Образование на нашиот мајчин јазик и застапеност во инститциите на централно и локално ниво. Во времето на Енвер Хоџа, без закон, нашето малцинство ги уживаше овие права. Во Албанија има најмалку 27.500 Срби и Црногорци и тие имаат право да се образуваат на мајчин јазик, изјави Јанко, пренесуваат албанските медиуми.

Тој го повтори барањето што лани го постави токму на ден Божик, седми јануари да влезе во календарот на државни празници и кое смета дека под итно треба да биде задоволено.

Претходно, во декември 2019 година, барање седми јануари да влезе во календарот на државни празници, во име на припадниците на малцинствата од православна вероисповест во Албанија, до албанскиот законодавен дом достави Васил Стерјовски, пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Инаку, со запазување на мерките за заштита од Ковид-19, по традиција, Србите и Црногорците се собраа во црквата „Св. Троица“ во Врак, Голема Малесија, околија Скадар, за да присуствуваат на боженствената литургија одржана од страна на црногорски свештеник.

Црногорскиот свештеник одлучил да не дава изјава за медиумите, а наместо него Иван Попај, од Албанската православна црква упати честитка до верниците, со желби за среќна и бериќетна година, благосостојба, мир, љубов, меѓусебна почит и разбирање.