ССК: 2013-та економски мирна, 2014-та со поголема динамика

Сојузот на стопански комори (ССК), активно учествуваше во креирањето на економските политики во земјата оваа година. Иницијативата на ССК, резултираше во координирана акција на државата и годинава во февруари државата целосно се раздолжи по сите основи кон стопанството, фактури на извршени услуги, набавки, поврат на ДДВ.

„Со ова значително се подобри  ликвидноста на компаниите и повлече низа иницијативи за реализација на акции за економски раст. Баравме 6 месеци до 1 година по раздолжувањето да се донесе  Закон за финансиска дисциплина со што би се заокружил процесот на подобрена ликвидност. Имено,  по имплементација на задолжница, раздолжување на владините институции, овој Закон треба да донесе и дисциплина помеѓу фирмите. Добра работа е вклучувањето на јавниот сектор во Закон за финансиска дисциплина, но сепак треба да се внимава, бидејќи финансиската кондиција на фирмите се уште не е во добра форма“, вели Калеников.

Мерките за странски кредитни линии како од Европската инвестициона банка со фиксна каматна стапка од 5,5 отсто, значително помогнаа да заздрави и опстане еснафот во Македонија.

„Најзначајно е тоа што освен за инвестиции, се изборивме оваа кредитна линија да се користи и за обртни средства. Досега од ЕИБ се искористени 250 милиони евра со кои се поддржани близу 800 компании. Најпрво индустриски за развој на производствени процеси, а потоа и услужни, трговски итн.  Со новата транша од 100 милиони евра и наредната година бизнисот ќе има пристап до бенифицирани кредити“, вели Калеников.

ССК успеа да најде заеднички јазик со Народна Банка на Република Македонија.

„Народната банка постепено ја намалуваше референтната каматна стапка од девет отсто во 2009 година, за годинава да достигне 3,25 отсто рекордно најниско ниво во самостојна Македонија. Како резултат на тоа се деблокираа средствата за кредитирање и паднаа каматите кон стопанството. Тоа пак, придонесе во услови на криза Македонија да има мал но сепак  економски раст “, вели Калеников.

Од голема важност за стопанството, како што се наведува од ССК, е потпишувањето на  договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек, со што е остварена стратешка цел за обезбедување енергетска иднина на земјата.

„Енергијата е еден од главните инпути на секоја економија. Во Македонија недостсува евтина енергија, а протокот на гас ќе овозможи долгорочно да имаме поевтин и ефикасен енергенс. Тоа пред се ќе и помогне на индустријата,  а секако ќе треба да им ги намали трошоците и на домаќинствата. Се очекува после овој договор, цената на природниот гас значително да се намали и земјава да стане поголем потрошувач на овој енергенс“, смета Калеников.

Покрај овие значајни мерки за подобар деловен амбиент се и измените на Законот за стечај со кој се најави скратување на стечајните постапки, како и објавување на даночните должници.

Главни двигатели на економскиот раст следната година, според стопанствениците, ќе бидат зголемените капитални инвестици, домашните и странски директни инвестиции, излезот на ЕУ од рецесијата, мерките на Народната банка и зголемената ликвидност на банките.

Сојузот на стопански комори за 2014 година очекува динамичен економски раст пред се, преку реализација на капитални инвестиции кои се за 20 отсто повеќе во однос на оваа година. Реализација на најавените капитални инвестиции е главното  оружје за борба против кризата.

„Динамиката на економскиот раст, ќе зависи од реализацијата на најавените инфраструктурни проекти. Друг клучен фактор кој ќе влијае на економскиот раст се вложувањата во енергетиката. Градежниот сектор сметаме дека ќе биде двигател на растот и во 2014 година. Очекуваме македонските фирми активно да се вклучат во реализацијата на овие проекти. Најавена е поддршка за нашите компании на тој начин што ќе можат да бидат добавувачи на странските компании кои работат во Македонија.  Тогаш ќе може уште повеќе да се почувствува ефектот од привлекувањето на странските инвеститори во земјата “, вели Калеников.

Она што е особено важно за економски раст е зголемување на кредитирањето, односно кредитниот пораст кој во моментот е 5,1 отсто да порасне до девет во 2014година.

„Сметаме дека се создадени услови од страна на Народна банка, преку одржување на историско најниско ниво на референтната каматна стапка и преку други макропрудентни мерки (кои ги наведовме погоре), за зголемена кредитна поддршка на економијата. Засега ефектите кај кредитирањето изостануваат.  За догодина охрабрува најавата за зголемена кредитна активност на банките. Ликвидноста на банките е голема и има доста пари кои треба да се пласираат во стопанството и меѓу населението“, изјави Калеников.

Евтините кредини линии, кои се иницијатива на Сојузот на стопански комори и новите 100 милиони евра обезбедени од Европската Инвестициона Банка дополнително ќе влијаат на подобри перформанси на македонските претпријатија.

„Имајќи ги предвид горенаведените работи, сметам дека приватниот сектор ќе биде двигател на зголемена лична потрошувачка во 2014 година. Покрај ова и најавеното зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор, треба да придонесат за зголемена лична потрошувачка. Се надевам дека пазарењето – шопингот ќе се остварува главно во Република Македонија, преку зголемена понуда на производи на македонскиот пазар, преку конкурентен модел на шопинг кампањи како и преку зголемен број на трговски центри “, вели Калеников.

И на крај проекциите за економски раст во 2014 година, на Владата се базирани на 3,2 отсто, Народна Банка очекува раст на економијата од 3,7 отсто, Светска банка од три отсто. Врз база на своите анализи и проекциите за економски раст за 2014 година, Сојузот на стопански комори очекува раст од над 3,5 отсто.

„Условите за економски раст за прв пат по економската криза се најповолни.  Економскиот сектор посакува мирни претседателски избори и советува, доколку не е суштнски важно за политичката сцена во Република Македонија да нема парламентарни избори.  Изборниот процес не треба да ги ремети економските текови на државата како и сите учесници во економскиот сектор во Република Македонија за да може да се остварат овие проекции“, се препораките од ССК.