ССК и полицискиот синдикат ќе делуваат за обезбедување на владеење на правото

Владеење на правото и унапредување на демократските процеси се дел од целите на договорот кој денес го потпишаa потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Драган Митковски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат проф.д-р Марјан Кицев. Примарната цел на договорот е создавање платформа, за институционално делување.

– По примерот на европските земји, деловната заедница обединета во Сојузот на стопански комори на Македонија ја зацврстува соработката со Македонскиот полицискиот синдикат. Нашите заложби ќе бидат насочени кон воспоставување на систем за обезбедување на владеење на правото како и посветено делување за сузбивање на сивата економија. Институционално ќе делуваме со заеднички проекти во насока на унапредување на демократските процеси. Се посветува големо внимание и на практикување на општествената одговорност особено во услови на здравствено – економска криза и обезбедување средства за заштита кои се неопходни за полициските службеници, а кои се обезбедуваат од деловната заедница – изјави Митковски и додаде дека Сојузот со склучени договори со релевантните институции, синдикати, организации и асоцијации, национално и интернационално делува кон подобрување на деловното опкружување кое ќе го поддржи економскиот раст.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат проф.д-р Марјан Кицев истакна дека поддршката која во изминатиот период полицискиот синдикат ја добива од деловната заедница, како и од останатите чинители во општеството е позитивен сигнал во заложбите за подигнување на висока свест за општествената одговорност и хуманиот пристап во работењето.

– Овој договор и целите кои во него заедно ги зацртавме да ги реализираме со Сојузот на стопански комори на Македонија, со особен фокус на владеење на правото и унапредување на демократските процеси е само почеток на нашата официјална соработка. Верувам дека ќе вроди со крупни позитивни општествени промени и ќе биде пример за успешност, препознаен и вреднуван од надлежните институции –  вели Кицев.

Тој додава дека во Македонскиот полициски синдикат, членуваат над 8.500 членови, и важат за еден од најорганизираните и најголемите гранкови синдикати во Република Северна Македонија и единствен репрезентативен синдикат во МВР, Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност и Управа за финансова полиција.

– Македонскиот полициски синдикат е примен како рамноправен член во рамките на Советот на Европските полициски синдикати, асоцијација која работи и делува во рамките на Советот на Европа и во која членуваат преку 400.000 полициски службеници од цела ЕУ – изјави Кицев и додаде дека верува во постигнување на врвни резултати, воспоставување и имплементирање на најдобрите светски признати практики за општествен напредок.

Сојузот на стопански комори на Македонија, како најголема деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации, ги застапува интересите на македонските претприемачи и продолжува да се залага за економски силна држава.