ССК: Штетите ќе бидат непроценливи ако се донесат измените на Законот за лекови

65

Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во Сојузот на стопански комори (ССК), повторно апелира да се пролонгира имплементацијата на предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала, кој е од исклучително значење за опстанокот на фармацевтската фела.

Групацијата, како што стои во соопштението, интензивно одржува состаноци и бара надлежните институции да излезат пресрет за да не се направат непроценливи штети. Според нив, неопходно е да се даде повеќе време за согледување на состојбите во државата и реалните можности за имплементирање на еден ваков предлог Закон. Потребно е пред да се донесе Законот, да се формира комисија и сите засегнати страни: Министерството за здравство, Групација на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки, Фармацевтската комора, Фармацевтскиот факултет активно да работат на изготвување на сеопфатна анализа.

„Бараме целосно да изостане членот од Законот со кој правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови да не смеат да бидат капитално управувачки или роднински поврзани. Укажуваме дека трето лице не може да дава насоки ниту обврзувачки законски елементи за менување на сопсвеничката, управувачката или организациската структура на правно лице кое е основано со приватен капитал. Ваквата законска одредба нема економски ефект за никој, а напротив кај тие фирми, кај кои веќе постои капитална поврзаност во истите со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции, кои што зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира ова постои реална можност стотици вработени да останат без работа, т.е да предизвикаме дополнителен негативен ефект врз економијата во Република Македонија. Со Устав е гарантирано правото на сопственост и правото на наследување. Со ова се обесправува фармацијата како струка и дејност за разлика од другите дејности кои опстојуваат во нашата земја и секаде во светот каде е дозволено наследување на фирми или струка и не се ограничени со законски регулативи како во овој член“, велат од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки.

Дополнително, Групацијата смета дека не треба правно лице регистрирано според Законот за трговски друштва, кое врши промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати да врши промет на големо и со лекови.

 „Со ова се поставува прашањето дали надлежноста на бензинска станица се поистоветува со дејноста на веледрогерии и аптеки. Односно се дава простор на гранки кои имаат друга основна дејност да ја зголемат можноста за заработка на сметка на веледрогериите и аптеките на кои основана дејност им е промет и издавање на лекови. Во поглед на заштита на граѓаните и нивното здравје се остава простор при издавање на лекови од страна на вработените во продавници за храна, пијалаци и тутун или бензински пумпи да се направи грешка при издавање и да се издадат фалсификат лекови т.е да се остави простор за злоупотреба на купените лекови. Сметаме дека инспекциската служба при Бирото за лекови  едноставно физички нема да може да ја покрие контролата на теренот на сите продажни места“, велат од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во ССК.

Во врска со отворањето на аптеки во руралните средини, предлагаме наместо пет  организациони единици – аптеки на територијата на Република Македонија, обврска да имаат оние со 15 организациони единици – аптеки да отворат една аптека или аптекарска станица во населено место во  рурална средина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.